ПАРКУР Е СПОРТСКА УМЕТНОСТ

– Четворица “запаленковци” негуваат необичен спорт, небаре акробации, што од страна изгледа дека спортистите лесно ќе скршат глава, а тие велат дека е побезбеден од фудбалот

Паркур или преведено од француски е уметност на преместување на телото. Основач е Рејмонд Бејл кој ги пренаменил воените вештини на качување, скокање, искачување, трчање и баланс во една спортска дисциплина која на “блиц” ги зафати младите ширум светот по оваа спортска дисциплина.

Секогаш активната четворка тинејџери од Прилеп – Драган Наумчески (18), Даниел Петровски (17), Давид Ристески (13) и Оливер Мојсоски (19), се с’ржта на неформалното друштво за паркур и фри ранинг (слободно трчање) ФЛУКС.

– Паркур и фри ранинг се вештини на преминување препреки со стил, брзина и вештина од една до друга точка. Француските колонијалисти ги забележале домородците од Африка со нивните флексибилни и добро физички градени воини. Ги следеле движењата и ги пренеле во француската војска – кажуваат двајцата од четворицата ФЛУКС-овци за историјатот на спортот.            

Драган почнал со паркур од пет години, со мали обиди, лесни потези на мал простор. Сериозно го вртел низ главата адреналинскиот спорт без натпреварувачки карактер на 15-годишна возраст. Баш тогаш го гледал футуристичкиот филм B-13, а подоцна ја играл видео играта Mirrors Edge, двата со паркур тематика. Таму ги видел акробациите што можат да се изведат без никаква дополнителна опрема, туку само со она што Бог ни го дал – телото.

Паркур и фри ранинг се испреплетени вештини на користење на урбани препреки од бетон или метал во градска средина.

“Спид”, “Конг”, “Лејзи”, “Пресижн”, “Вал ран”, “Андер бар”, се само дел од “Ваутите” (техниките) кои се користат во паркурот. Спид е брзо прескокнување на препрека, Конг е со горните екстремитети да се постигне моментум и без допир на нозете да се совлада нагорнина. Лејзи е најлесна техника, која бара само мрзливо скокање преку ограда, а, Вал ран е качување по паралелни ѕидови, користејќи ги рацете и нозете.

– Вежбаме на Могилата, која беше добра летниов период. Сега, кога застуде, бараме сала за клупските активности. Иако сме млади, искусни сме. Ги знаеме границите на телото, па овој навидум застрашувачки и опасен спорт, е релативно безбеден – објаснува вториот член на ФЛУКС дружината, Даниел.

За изведба на паркур, потребен е минимален простор. При спортувањето се користи 60 отсто мозокот, а 40 отсто телото. Тоа се бара затоа што не треба само да се прескокне некој ѕид или да се искачи некоја височина. Потребна е елеганција во движењата и да има флуидност и точност.

– Наспроти екстремноста и навидум опасноста од спортувањето паркур, се зголемува бројот на љубители на овој спорт. И родителите, кога ќе видат дека сé се прави професионално, се избегнуваат нагли почетни ваути, со задоволство ги пуштаат децата да вежбаат фри ранинг или паркур. Се наоѓа некој кој ќе довикне додека вежбаме: “Немојте деца, ќе се искршите”. Тоа не може да биде подалеку од вистината. Пред секое паркур витоперење има долго загревање на телото со трчање, истегнување, склекови, стомачни вежби, спринтови и скокови за одраз. Со тоа се спречуваат евентуални повреди и го прави паркурот побезбеден и од фудбалот – вели Драган, кој со завршена спортска гимназија се надева за скоро време да отвори школа за паркур, зашто има доста следбеници, а собирите се само од едно скопско здружение.

Поинаквиот поглед на зградите, оградите и рампите ги прават спортистите креативци за изведување на акробациите што ги замислуваат или веќе воспоставените ги комбинираат. Мотото на ФЛУКС е “Да се биде моќен, да се биде бескорисен”. Оваа фраза ја позајмиле од култниот филм B-13, каде протагонистите го користат паркурот како самоодбрана. Ама и тука има невистина. Со менталното и физичкото развивање, телото добива агилност, кондиција, експлозивност.

Овој спорт е различен по тоа што нема рутина. Секогаш има некоја нова, неиспробана комбинација. Спортот е без конкуренција. Дружење е секоја средба со колегите. Места за натпревари се собири во Скопје, Кочани и Прилеп.

– Разменуваме искуства и покажуваме што сме научиле во споредба со претходната средба – објаснуваат двајцата паркуристи.      

Loading