Со “Хабитат” и УСАИД до подобра енергетска ефикасност во станбените згради
Дури до 30 проценти може да се заштеди од потрошувачката на енергијата со заменување на старата дограма и со изолацијата на фасадите и покривите на старите станбени згради. За да го направат домот потопло и попријатно место за живеење, прилепчани ќе може да искористат нискокаматен заем на три години без скриени трошоци кој го обезедуваат ,,Хабитат,, и УСАИД. Општината потпиша меморандум за соработка со Здружението „Хабитат”. Преку поставување изолација на фасадите и на покривот на зградите и замената на прозорците и вратите со енергетски поефикасни, ќе им се помага на домаќинствата да го поткренат животниот стандард со заштеда на енергија.
– Хабитат нуди и техничка помош во енергетските мерења. За еден просечен стан од 60 м2 промената на балконските врати и прозорците изнесува околу 1.500 евра на 36 месечни рати. Тоа значи дека месечната рата би била околу 2.000 денари. Придобивка е заштедата на топлинска енергија, односно редуцирање на давачките за огрев, без разлика дали станува збор за греење на струја или на други енергенси. Пресметано е дека само на овов начин паѓаат трошоците за 30 отсто – вели Лилјана Алчева, заменик директор во Хабитат Македонија.
Градоначалникот Марјан Ристески најави дека општината ќе учествува со 40 000 евра.
– Ќе се реконструираат стари згради од 60-тите и 70-тите години. Семејствата ќе ги намалат давачките за загревање, а со обнова на фасадите градот ќе добие поурбан лик – вели Ристески.
Проектот за јавно-приватно партнерство во договор со општините, предвидува активности за подигнување на јавната свест за енергетската ефикасност во колективното домување, подобрување на нивното управување, поттикнување на инвестиции, претприемништво и создавање работни места во секторот за енергетска ефикасност, а се спроведува во осум општини.