СОЦИЈАЛЦИТЕ НА РАБОТА

ПРВПАТ ДРЖАВАТА СУБВЕНЦИОНИРА ВРАБОТУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ СО СТИМУЛАЦИИ И ЗА РАБОТОДАВАЧИТЕ

– Работодавецот месечно ќе добива 17 илјади денари во период од шест месеци, од кои 14 илјади денари за бруто-плата за вработениот, а три илјади денари за обуки и материјали

Социјалците, кои се најзагрозената категорија, добиваат шанса за вработување и со бруто плата од 14 илјади денари месечно, загарантирано една година. До 10 декември, корисниците на социјална помош може да аплицираат на конкурсот на Агенцијата за вработување со кој се стимулира вработувањето на лица од ранливите категории. Првпат, покрај вработување на најзагрозените, државата ги поттикнува и работодавачите со по околу 50 евра месечно, доколку ангажираат корисник на социјална помош. Приоритет имаат лицата од 16 до 29 години. Доколку не се обезбедат профили според барањата на работодавачите, во “игра” се и другите социјални случаи, кои ќе можат да аплицираат. Социјалната помош ќе мирува додека трае вработувањето. Потоа ќе продолжи. Субвенцијата трае шест месеци, а обврската на работодавачот е уште шест месеци да ги задржи лицата кои ги вработил.

– Може да аплицираат сите невработени регистрирани како активни баратели и се корисници на социјална помош. Се субвенционираат вработување на невработени за 14 илјади денари, плус финансиска поддршка за работодавачите од три илјади денари. Тоа е стимул за работодавачите да вработуваат. Во исто време ќе аплицираат и фирмите кои немаат намалување на работниците во изминатите шест месеци, немаат покренато постапка за стечај или ликвидација, успешно работат, имаат позитивен бонитет за претходната година и редовно ги исплаќаат платите и придонесите – објаснува Силвана Пашоска, раководител на Центарот за вработување Прилеп.

Поради очекуваниот интерес, ќе има селекција на приватните фирми, односно оние кои се најуспешни, кои го зголемуваат бројот на вработени и кои нема да ги отпуштат нововработените социјални случаи. Ова е пилот проект. Првпат се субвенционираат корисниците на социјална помош.

– Локалната самоуправа целосно ги поддржува мерките на Агенцијата за намалување на невработеноста, посебно кај оние ранливи, социјални категории. Ќе ги информираме сите субјекти и работодавачите и невработените од оваа категорија, максимално да ја искористат шансата. Прилеп важи за лидер во искористувањето на ваквите проекти – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Во општинава евидентирани се 2 400 корисници на социјална помош. За првпат шанса за вработување на лицата кои живеат од социјална помош им се дава и на оние лица кои го прекинале процесот на образование, па затоа старосната граница опфаќа лица на над 16 годишна возраст. 

ЗА СЕДУМ ГОДИНИ

РАБОТА НАШЛЕ 8800 НЕВРАБОТЕНИ

Се намалува невработеноста во Прилеп.

– Во 2007 г. беа евиденција 24 900 невработени, а сега се 16 100 невработени, Од нив активни баратели се 7100 лица, а девет илјади се невработени кои се евеидентирани за обезбедување здравствено осигурување. Сега Битола има повеќе невработени, а беше обратно. Активните мерки ја ублажуваат невработенбоста. Од 2007 г., секоја година се вработуваат од 100 до 150 лица. Секој месец има нов проект, а ги работиме и во циклуси, така што секогаш нешто се нуди за невработените кои бараат работа – вели Силвана Пашоска, раководител на Центарот за вработување во Прилеп.

Оние лица кои не сакаат да се пријавуваат секој месец како невработени, туку на шест не се сметаат за активни баратели на работа, но ги имаат сите права за остваување здравствена заштита, социјална помош, правото на вработување, и во секој момент можат да се префрлат од пасива во актива. 

Loading