БРОДОТ НА ЉУБОВТА СЕ ЗАКОТВИ ПОД МАРКУКУЛЕ

ДВАЈЦА ПРИЛЕПЧАНИ СОЗДАДОА ГНЕЗДА ЗА ИНДОНЕЗИСКИ НЕВЕСТИ

– Мита (25) и Ами (31) од тиркизниот остров Бали за прв пат виделе снег во Прилеп, а вкусните сарми и бурекот, го истиснаа традиционалниот ориз од листата на јадење

– Прилепчаните Владимир Ѓорѓиоски и Оливер Маркоски без предрасуди кон бракот со хинду девојките кои ја попримија православната вера

Од бродот на љубовта со илјадници туристи што плови низ океаните и атрактивните туристички дестинации каде нема студ, туку секогаш е лето, од тиркизот на лагуната на индонезискиот остров Бали, дојдоа две млади девојки да станат прилепски снаи и да создадат брачно гнездо во континентална Македонија со клима на кочан – зима и пекол – лето. Дваесет и пет годишната Мита од хинду религијата стана венчана сопруга на Владимир Ѓорѓиоски со сите наши адети на свадба и со христијанска верска церемонија во црквата во Прилеп. Петмесечниот син Матеј Дева е плод на нивната љубов. Прилеп е последната вечна котва за Ѓоргиоски.        

И триесет и четири годишниот Оливер Маркоски ја најде брачната среќа, работејќи како сомелиер на бродот на љубовта. Никнатите емоции меѓу него и индонезиската колешка Ами, на возраст од 31 година, прераснаа во љубов, која неодамна е крунисана со потписи за брак. Младата двојка наскоро ќе го одбележи склопувањето на брачната заедница со заедничка веселба во некој од нашите ресторани.

ЉУБОВ НА ПРВ ПОГЛЕД

Дваесет и петгодишниот Владимир раскажува дека со сопругата Мита се запознале на бродот каде што работел како келнер, а таа како шанкер.

– Се засакавме на прв поглед. Се освоивме еден со друг. Симпатиите се претворија во страсна љубов, да не можеме еден без друг. После две бродски работни тури од неколу месеци, се закотвивме во Прилеп да “пливаме на копно во брачните води”. Нашите свадби не се слични на нивната религија. Бевме на свадба кај еден другар, Мита да се запознае со традициите и да ги види адетите. Се поднаучи за девер, кум, старосват и како треба да се однесува в црква. Направиме свадба со сите македонски салтанати. Мита се покрсти од хинду во православна. Со христијанските обичаи ги разменивме прстените пред свештениците и пред матичарот, заколнувајќи се во вечна љубов – кажува Владимир.

Среќата вивнала до небото кај Ѓорѓиоски, кога на свет дошол синот. Го крстиле Матеј и го додале индонезиското име Дева што значи принц.

Сопружниците се со ниет да заминат на уште една работна тура на бродот, откако ќе потпорасне синот. Нашиот зет сака да го запознае дедото и бабата, оддалечи неколку илјади километри од тропскиот остров Бали и, да ја открие малку културата на земјата на брачната сопатничка.

Во меѓувреме, Мита го совладува македонскиот јазик, да се разбере со свекорот и свекрвата, ако Влатко не е тука. Вели дека Прилеп í се допаѓа. Го доживеала како мирно и тивко место без многу динамика и со спокоен живот.

– Овде првпат во животот видов снег. Тоа е чудо за мене, бидејќи на Бали владее вечно лето. Се ми е ново и интересно, нова култура. Ги сакам луѓето кои се гостопримливи. Имаме заеднички јазик со свекрвата, која секогаш ме разбира што сакам да кажам. Малку македонски, малку англиски, малку со рацете и се разбираме, додека учам да зборувам македонски. Храната е одлична. Бендисувам бурек, а прстите си ги лижам од мусака и сарма, зготвени од свекрвата. Подготвувам индонезиска храна, во која доминира оризот и зеленчукот. Недостасуваат сите мирудии, но малку импровизирам со пржењето на оризот и јајцата и излегува добро јадење – кажува снаата кај Ѓорѓиоски, Мита.

Пренесува дека родителите се изненадиле дека ќе се мажи во Македонија. За нив Европа е сон.

– Кога се роди Матеј Дева, три дена не слеговме од контакти на Скајп. Се радуваат  и се среќни, кога сум јас среќна. Жалаат што не можат на јаве да го видат внукот и да го гушнат, радувајќи се сите заедно во неговото детство – кажува Мита.  

Освен од снегот, Мита се воодушевува и од архитектурата и уметноста на црквите, стари многу столетија. Пали свеќи за здравје, а за Велигден собирале јајца со Владимир при посетите на роднините. Го почувствувала прилепскиот дух на славите и имендените.

СУДБОНОСНО “ДА” НА ТВРДО ТЛО

Оливер Маркоски бил маѓепсан од убавината на неговата сопатничка Ами. На бродот им се споиле погледите и се родила нераскинлива љубов, која кулминира со мајски брак.

– На бродот бев сомелиер, продавач на вина, а Ами келнер во бар. Низ виното пламна љубов, која ја негувавме две години во секој слободен миг. Додека работевме, се насмевнувавме еден на друг. Дојдовме во Прилеп да го кажеме судбоносното “да”. Ами ќе ја земе православната вера. Сакаме пак да одиме на брод заедно, ама има малку компании кои ангажираат двојки. В година ќе го прославиме бракот со свадба – кажува Оливер.  

На Ами í се бендисува Прилеп, архитектурата на стариот дел од Охрид и Езерото, иако менталитетот е поинаков од индонезискиот.

– Бев во Индонезија и се вратив овде за сопругот и снегот. Малку е ладна климата, поинаква е културата, но се приспособувам. Ја вкусив македонската традиција на митровденска слава. Домашните ми дозволија да направам сарма и баклава. Мислам дека успеав. Нашата кујна се разликува, а овде ќе готвам по рецепт. Тивко е и првпат овде убаво спиев. Но, е ладно. Сакам да видам снег и да ја прошетам Европа, затоа што сакам стари градби, цркви и замоци – кажува Ами.

Додека очекуваат документи, двете двојки раскажуваат дека по улиците изгледаат необично и го привлекуваат вниманието, бидејќи партнерките им се со различни бои на тенот.

– Четворицата бевме на еден брод, кој го крстивме “бродот на љубовта”. И таму, и овде, се дружиме и делиме пријатни заеднички моменти. Очекуваме во “нашето друштво” да се приклучи уште едно момче, кое ќе донесе во Прилеп невеста од Бали – велат семејствата Маркоски и Ѓорѓиоски, додека малиот Матеј Дева со кемкање сака да каже дека и нему му е потребно внимание. 

Loading