“СИЗИФОВСКА” РАБОТА

Хоризонталната сигнализација е еден од најбитните фактори за безбедност во сообраќајот. Пешачките премини, полните и испрекинати ленти, местата за престројување на крстосниците и кружните текови се витални, за сигурно, побрзо и порелаксирано возење или пешачење. Без нив би настанал хаос кој за некои можеби ќе има фатални последици.

Токму затоа со бела боја се означуваат патиштата и крстосниците. Меѓутоа со времето, белата боја се изедначува со бојата на асфалтот, заради врнежите и минувањето на гумите од возилата. Во тој кус период  се вози напамет. За да се избегне тоа, од локалната самоуправа има оддел за патишта и сообраќај кој се грижи навремено да ги извести фирмите кои ги добиле тендерите за одржување на хоризонталната и вертикалната сигнализација и нуди проекти за поставување на нови сообраќајни знаци.

На фотографијава гледаме како двајца работници со специјално возило одат по трагите на избледената боја и ја заменуваат со бела блескава нова. Тоа им е веќе рутина. Поставуваат конуси за насочување на сообраќајот, додека ја обојуваат едната страна на улицата, па се префрлаат на другата. Тоа го прават брзо и ефикасно, што само малку се забележува застој во сообраќајот. Белата боја останува само неколку дена, а потоа, како камелеон, едвај се препознава на асфалтот. Повторно почнува циклусот на обојување. 

Loading