ДЕБЛОКАДА НА ТУТУНСКИ ПО СЕДУМ ГОДИНИ

– ЗАБРЗАНА КОНСОЛИДАЦИЈА СО ОТСТРАНУВАЊЕТО НА ЦРВЕНОТО СВЕТЛО НА СМЕТКАТА

По седум години функционирање во зоната на опасноста од стечај, поради блокираната сметка, Тутунскиот комбинат конечно се ослободи од финансиската блокада. “Зеленото светло” на сметката претставува олеснување, нормализирање на финансиските текови и е шанса за консолидација на компанијата. Мразот е стопен со репрограмирање на долговите од неколку милиони евра со преземање обврска за нивно враќање на 120 рати во следните десет години. “Црвената” сметка беше последица на неплатениот ДДВ и обврските кон ЈП за станбен и деловен простор од 2006 година, сервисирани преку Охридска банка за невратен заем од два милиони евра за откуп на тутун. Паралелно, Комбинатот обелодени  драстичен пад на загубите во првите девет месеци. Ако лани “дупката” била три милиони евра, годинава е 1,5 милиони евра и тоа со коригирани плати нагоре.   

Првиот човек на Комбинатот Александар Дерменџиев вели дека се остварил приоритетот број еден – одмрзнување на сметката.

– Примарно беше да се деблокира сметката, бидејќи само на тој начин може фирмата да функционира нормално. Во спротивно секогаш висеше стечајот како Дамоклов меч. Помогна владата со законите за конверзија, зашто дел од долговите беа кон УЈП за ДДВ. Другиот дел беше од Охридска банка, која била посредник за префрлање средства од ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор од 2006 година за откуп на тутун. Никогаш не се вратени околу 120 милиони денари. Долгот од поодамна со камати се зголемил од главнината и стана четири милиони евра. Најдовме заеднички јазик со владата и ЈП. Потпишавме договор за враќање на 120 рати во наредните 10 години и се сметна блокада на сметката. Останаа некои ситни доверители, кои ги исплативме. Конечно се деблокира сметката по толку долг период – вели Дерменџиев.

Деблокадата беше еден од условите за регулирање на односите со стратегискиот партнер Филип Морис.

– Не се потпишува стратегиско партнерство со блокирана сметка. Деблокадата дојде во вистински миг. Работевме, но не планиравме, зашто сумите беа големи. Топоњето на мразот на сметката го зацврстува Комбинатот во поставувањето на односите со стратегискиот партнер. Постапката тече со предвидената динамика. Пред нова година, очекуваме да почнеме со производство на некој од брендовите на Филип Морис – објаснува Дерменџиев.

Според директорот на Комбинатот редуцирани се загубите генерирани десетина години.

– По подолг период, првите девет месеци од годинава имаме најдобар резултат. Загубата е 1,5 милиони евра, што е релативен успех. Сметната е од три милиони евра, колку што беше ланското деветмесечје. Во загубата од 1,5 милион, влегуваат платите, зголемени за 750 илјади евра, поради усогласување со минималната плата на гранката. Корекцијата го оптовари буџетот на годишно ниво – кажува Дерменџиев.

ПРЕТСТОИ ТЕЖОК ОТКУП?

– Претстои тешка кампања на откуп на тутун. На глобално ниво, побарувачката на тутун не оди како лани. Тоа не е ништо драматично ни алармантно, зашто тоа се глобални движења. Побарувачката е намалена, а е зголемена понудата од Бугарија, Србија и Грција. Тоа автоматски ќе го направи откупот потежок. Со законските прописи, тутунарите се доволно заштитени. Нема откуп без гаранции за исплата, која нема да биде доведено во прашање. Договорите ќе се исполнат – ветува Дерменџиев.

ЦИГАРИ КОЛКУ ЛАНИ

– Во производството на цигари, заклучно со октомври, за домашниот пазар сме на ниво на ланската година. Пред два месеци имавме пад со законот за зголемување на акцизите на цигарите, што најмногу ги погоди поефтините цигари. Немаше економска логика да се произведуваат без да поскапат. Кога сме економски кревки, моравме први да ги поскапеме. Тоа негативно се одрази на продажбата. Нужно беше зголемувањето на цените. Законот за акцизи дозволува поскапите цигари и да поефтинат, а поефтините да поскапат. Поголемите компании калкулираат и можат да си дозволат да не ги зголемат цените – вели Дерменџиев.

Loading