РЕБАЛАНСИРАНА ЛОКАЛНАТА КАСА

Мнозинството советници во градскиот совет даде виза за ребаланс на буџетот на последната седница. Според раководителот на одделот за финансии Драган Ѕвездакоски, корекцијата на локалната каса доаѓа поради потфрлања кај некои приходи. Сепак Општината е ликвидна со обврски од 12 милиони денари и побарувања најмалку осумпати повеќе, главно од инвеститори кои не го платиле надоместот за уредување на земјиштето во индустриската зона и на парцелите за градба на станбени згради.

– Од планирани 552,5 милиони денари со ребалансот, буџетот се сведува на 453 милиони денари. Потфрли планираниот надомест за уредување на градежно земјиште. Од планираните 117 милиони, за 9 месеци се прибрани само 19,6 милиони денари. Од 52,3 милиони денари концесиски надоместоци, до крајот на годинава планираме да оствариме 28 милиони денари. Од општинскиот имот планиравме приходи од 50 милиони денари, а сега репроектираме на 23 милиони денари – вели Ѕвездакоски.

Секторот за финасии и буџет до крајот на годинава максимално ќе внимава на трошоците да се хармонизираат со приходите. Со измените на регулативата во кратењето на роковите за плаќање на обврските, следната година тоа ќе биде уште поизразено.            

Loading