ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ЗА НАВЕК

Започна првата фаза од реконструкцијата на канализационата мрежа со средства од ЕУ

– Обновата на 23 километри фекална канализација треба да заврши за 24 месеци, а предвидена е и изградбата на пречистителната станица вредна 20 милиони евра

– Проектот е тежок вкупно 30 милиони евра од кои 85 отсто се пари од ЕУ, а 15 проценти од буџетот на РМ

Со пари од ЕУ за заштита на животната средина, почна првата фаза од реконструкцијата на канализационата мрежа и од изградбата на пречистителна станица за отпадни води. Градежните активности се изведуваат на пет локации за обнова на предвидените 23 километри фекална канализација во првата фаза, која треба да заврши за 24 месеци. Предвидена е и градба на пречистителната станица од 20 милиони евра на локацијата во близина на општинскиот затвор. Со дополнителната реконструкција на 40 километри, проектот е тежок вкупно 30 милиони евра. Од нив, 85 отсто се пари од ЕУ, а 15 проценти се од буџетот на РМ. Пречистителната станица е проектирана за 95 000 жители за наредните децении, а обновата на канализационата мрежа е проект за век. Затоа граѓаните треба да покажат разбирање за преземените градежни активности на теренот, а ЈП за Водовод и канализација ќе продолжи со навремено информирање за планираните фази. Проектот треба да се заокружи за три ипол години. Изведувач на работите за канализационата мрежа е фирмата Лудвиг Фајфер од Германија со домашни подизведувачи кои ќе ја раздвижат локалната  економија.

– Со втората фаза која ќе опфати реконструкција на уште 40 километри од секундарна мрежа, градот ќе е под нова фекална канализација од околу 90 насто – вели Саше Николоски, директор на ЈП ВиК.         

Градот е покриен преку 70 – 80 проценти со фекална канализација. Дел е нестручно изведена и претставува проблем за одржување. Се случува екипите на ЈП ВиК да интервенираат неколкупати месечно. Уште има делови без фекална канализација. Од речиси 120 километри фекална канализација, над 50 проценти е во добра состојба. Ќе се изработи и комплетен дигитален подземен катастар за водоводот.

– Ќе се отстрани мешањето на фекалната со атмосферската канализација. На 20 места има прелив од фекална во дождовна и обратно. Ќе се сепарира да се доведе до функционалност, зашто филтерската станица не е за пречистување на дождовна канализација – вели Саше Николоски, директор на ЈП Водовод и каналзиација.

До крајот на годинава ќе се потпише договорот за градба на пречистителната станица, која ќе стартува со градежната сезона. В  лето двете фази  ќе се преклопат.

Граѓаните ќе добијат чиста животна средина, што е главен акцент на проектите од ИПА фондовите. Од чистата градска река, ќе се наводнуваат земјоделските производи кои ќе се безбедни за консумирање и ќе исполнуваат стандарди за извоз.

Носител на проектот е Министерството за животна средина. Ова е прв проект што се реализира во земјава со поддршка на ЕУ.

– Придобивките се за јавното претпријатие со правилен канализациски систем, а со тоа и заштитена животна средина – вели Николина Рувчевска, координатор на проектот од Министерството за животна средина.

Искуството од Прилеп ќе се преселува во Битола, Тетово, Струмица и во други општини. Прилеп е лидер во реализација на  значајни инфраструктурни проекти во земјава.

СЕ КОПА НА ПЕТ ЛОКАЦИИ

Во тек се градежните работи за замена и поставување на канализационата мрежа на ул. “Савска”, од мостот на ул. “Трајко Николоски” на патот кон затворот до Ицков мост, а се работи и во населбата Тризла. Се вади гранитната коцка од улицата, а откако ќе се стави и атмосферската канализација, ќе се асфалтира не само улицата, туку и тротоарите.

Трета локација на која се копа е ул. “Мице Козар”, кај пералната. Се работи и на дел од ул. “Ѓуро Салај” и “Васил Главинов”, потоа ул. “Вера Циривири”, до куќата на Шаторовци на Рид. Ќе се работи и во Чачорица, на ул. “11 Октомври”. Последна е “Кеј 19 септември”, од Дабничка река, типските куќи, до касарните.

Комплетно ќе се смени подземната инфраструктура и ќе се стави нов слој на асфалт на раскопаните улици.

Loading