ПРИЈАТЕЛСТВО И БИЗНИС СО ДЕЈАНГ

Возвратна посета на Кинезите на општина Прилеп

Мултилатералната размена и соработка со кинеската општина Дејанг почнува и практично се реализира со најавената посета на кинеската делегација на општинава. Откако во јули, делегација на Прилеп, предводена од градоначалникот Марјан Ристески и претседателот на Советот, Никола Димески, и бизнисмени, престојуваа во Кина, на покана на градоначалникот на Општина Дејанг, Кинезите ќе ја возвратат посетата која ќе значи не само пријателство, туку и бизнис соработка. Двете страни планираат да градат мултилатерална размена и соработка на полето на економијата, трговијата, науката и технологијата, туризмот, образованието и другите сфери. Намерата за соработка ја искажаа и со официјалното потпишување на Меморандум за воспоставување на пријателски односи меѓу Прилеп и Дејанг, после официјалните состаноци меѓу лидерите на двете општини, по посетата на компании во Дејанг, како и по разговорите меѓу претставниците од бизнис секторот, детектирајќи ги областите за соработка.

Очекуван е интересот на Кинезите за прилепските бренд фирми како од прехранбената, мермерската, текстилната, така и од тутунската индустрија. Поради успешното работење и можните инвестиции, атрактивни за бизнисмените од Истокот, секако би биле Витаминка, Мермерскиот комбинат, како и Тутунскиот комбинат, кој очекува заживување. Нема да останат рамнодушни Кинезите ниту на природните убавини, како и на богата туристичка и културна понуда на градов. 

При посетата во Кина, делегацијата од Прилеп беше пречекана на највисоко ниво. Биле остварени средби со претседателот на Советот на општината, секретарот на националниот комитет, со директорите на Бирото за промоција на инвестициите и на Бирото за економија при општината, како и со претставници од бизнис секторот.  Бизнисмените посетиле повеќе индустриски објекти и компании од различни области, меѓу кои од енергетиката, тутунската и цигарната индустрија, прехрамбената и текстилната индустрија, компании-лидери во своите области како во Кина така и во светот.

Кинезите, особено потенцијалните инвеститори, не го криеле воодушевувањето од презентацијата на Прилеп, со акцент на можностите за инвестирање во општинава, особено поволностите во технолошко индустриската зона Алинци. Од искрената и пријателска соработка, и бизнис зделките, ефектот ќе се одрази со зголемување на економскиот раст и развој на општинава.

Кинеските медиуми со голем интерес ја следеле нашата делегација, која беше дел од владината поширока делегација, предводена од премиерот Никола Груевски.

ПОЗНАТА ПО ПУРИ

Четири милионската општина Дејанг од Кина

Општина Дејанг се наоѓа во кинеската провинција Сичуан, која се наоѓа во јужно-централниот дел на Кина. Дејанг има популација од околу 4 милиони жители. Градот е богат и развиен индустриски центар, каде и седишта и индустриски капацитети имаат најголемите компании во Кина и во светот како, Dongfang Electric Corporation (DEC), фабрика за производство на машини, турбини и слично од областа на енергетиката а особено за хидро-централи,  China Tobacco Chuanyu Industrial Corporation, најголемата компанија во Кина за производство на пури и цигари  итн.

Loading