ТУТУНОТ СЕ ЦЕНИ ПО 190 ДЕНАРИ КИЛОГРАМ

На стартот на раниот откуп

“Околу 190 денари од килограм изнесува просечната откупна цена на тутунот во раната сезона на откуп на родот, што ја  стартуваа пет откупни претпријатија на 1 октомври”.

Ова го изјави Данчо Милески, првиот човек на асоцијацијата на тутунарите, кој оцени дека бербата е со висок квалитет, иако малку е падат квантитетот, поради врнежите од град во јуни.

Тутунскиот комбинат веќе презема тутун во картонски кутии.

Тутунарот Атанас Силјаноски очекува да произведе над два ипол тони од хектар под тутун.

– Заради градот стагнираше тутунот, но се регенерира и е со добар квалитет. Ќе предадам околу еден тон во раната фаза. Не е лоша проценката на почетокот – вели Силјаноски.

И заменик министерот за земјоделство, Зоран Коњановски констатира дека родот е поквалитетен, а тоа значи и повисоки цени.

Тутунот ќе се плаќа за 7-10 дена.

– Стартувавме на 10 откупни пунктови. Ќе преземеме од 500 – 700 тони тутун. Добро оди откупот засега – вели Александар Спиркоски од Тутунскиот комбинат.

Во прилепско ќе се преземат над 4500 тони тутун од 1 – 31 октомври, а во целата земја над шест илјади тони. Годинешната реколта се очекува да тежи околу 30 илјади тони, од кои само во прилепско е над 65 процени. Тутунот им е единствен извор за егзистенција и дополнителен приход на околу 250 илјади жители од земјава.                                  

Loading