ЗНАМИЊА СЕ ВЕАТ ВО МАРУЛ

На иницијатива на нашинецот Томе Велјановски од Шведска

Сонце му ја стопли душата на марулчанецот Томе Велјановски кој долги години живее во Шведска, онака како што осумкракото сонце се “смее” од црвената заднина на македонското национално знаме, така топлина му доаѓа на срцето откако неговата долгогодишна желба му се исполни на празникот Мала Богородица и се завиорија знамињата во неговото родно село. Не ги штедеше Томе ниту тешко заработените шведски круни, ниту часовите изминати по потрага на јарболот, ниту напорот и трудот кој по којзнае кој пат го наросуваа неговото чело, откако успеа и ги постави знамињата в село.

Симболот на Македонија, на  државата и на народот, се вишнеат во небесните синевини над марулскиот крај. На секој добронамерник, кога ќе го измине Канатларци и ќе го оправи прашливиот пат долг над 3,5 километри на кај селото Марул, ќе му дојде убост во градите, затоа што од далечина ќе го здогледа симболот на државата. Успеа да донесе и механизам за подигање на знамињата од Шведска каде живее, дури и украси кои стојат на врвот на столбовите. Така Томе го изразува патриотското чувство, неизмерната љубов кон татковината која го грее сите овие години во студената Шведска. Едното знаме се вее веднаш до училишната зграда во која некогаш учел Томе Велјановски, а која иако нема ученици, пред неколку години ја реновира и сака да стане музеј. Другото се виори во близина на дворот на селската црква Пресвета Богородица во чиј трем за празничниот ден Томе почести и нагости над 50 гости, роднини и пријатели. Меѓу нив беше и таткото на градот Марјан Ристески, кој ја имаше честа да го подигне националниот симбол.

– Ми се исполни желбата. Нека се веат знамињата, да знае човек каде доаѓа, каде се наоѓа. Во Шведска знамиња има на секој чекор, пред институции, разни установи, секаде е државното знаме. Никаде надвор не можеш да видиш партиско знаме, а државното го има секаде. Сакав да се вее знамето македонско, со сонцето на црвената основа – вели Томе, додека солзи радосници му се наѕираат во очите.

Не е првпат да спроведе инцијатива нашинецот во родниот крај. Пред две години, во дворот на црквата Пресвета Богородица, постави спомен плоча во чест на командантот Дончо, каде во 1944 година во септември престојувала Втората Македонска народно ослободителна ударна бригада. Не ги заборава нити комитите. Во 2002 г., за сто годишнината од загинувањето на тројцата комити – војводата Окле Ристе, Никола Атанасов и Јован Волче од Врбјани, го уреди гробот, кој го сметаат за симбол, на иницијатива заедно со брат му, екс пратеникот Цветан Јовчески. Ги огради и гробиштата. Лани постави спомен плоча во Писокал. Донира патерици за болницата во Прилеп, за што градот му возврати со Третоноемвриска награда во 2007 година.

Често доаѓа Томе во родното место, а кога ќе се врати во Гетеборг на сопругата Спасија, која ќе го пречека со уште еден внук од едниот син, ќе има што да í раскажува за родниот крај, за средбите со брат му, со внуците, со роднините, за в година со добра мисла пак се врати во Прилеп, во Марул и да реализира уште некоја идеја. Сака да постави уште некоја мермерна плоча со имињата на луѓето кои го изгубиле коренот, не оставиле поколение, но направиле многу за историјата на Марул и марулчани кои биле вредни луѓе каменари, во селото каде некогаш имало 58 домаќинства, а сега едвај се бројат неколку куќи во кои чади оџак и живеат 11 жители.

Марулчанецот Томе Велјановски, роден е 1945-та, а од 1971 живее во Шведска.

Loading