ПОТРЕБЕН Е РЕГИОНАЛЕН ЕКОНОМСКИ СОВЕТ

Соработка меѓу бизнис заедницата и локалните самоуправи во пелагонискиот регион
– Капиталните проекти Чебрен и Галиште ќе го направат регионот поатрактивен и ќе запре миграцијата
– Повторното пуштање на пругата Битола – Кременица, би значело скратување на времето и намалување на трошоците за превоз до Солунското пристаниште
Формирање економски совети на регионално ниво, составени од претставници на бизнис-секторот од планскиот регион и локалната власт, е една од иницијативите што се покрена на заедничкиот работен состанок меѓу претставниците од бизнис-заедницата и градоначалниците на општините од Пелагонискиот регион во селото Бабино, во Демир Хисар. Меѓусебната соработка ќе биде логистички поддржана од Стопанската комора на Македонија и Центарот на развој на Пелагонискиот регион со што ќе се постигне забрзан економски развој на регионот преку заеднички проекти и јавно-приватни партнерства.
Регионалните комори од Прилеп и Битола се насочени кон заедничко утврдување на приоритетите со локалните самоуправи од планските региони за динамизирање на економски развој.
– Создавањето на алијанса со локалните самоуправи би било одлична можност за подобро работење на Комората. Приоритет треба да биде патната инфраструктура и гасификација на регионот, со што производите би биле поефтини и поатрактивни за продажба. Капиталните проекти Чебрен и Галиште ќе го направат регионот уште попривлечен и ќе ја запре миграцијата – изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Се расправаше на темата, “Императивната соработка меѓу бизнис-заедницата и единиците на локалната самоуправа во рамките на планските региони”.
– Прилеп е пионер во отворањето на економски совет на општината. Секогаш е добро да се видиме со градоначалниците, да размениме искуства. Имаме потенцијали за развој со близината на мариовскиот крај, кој може да се експлоатира и како рурален туризам – рече градоначалникот Марјан Ристески, додавајќи дека може да се дојде до странски инвеститори преку комората.
За поттикнување на развојот во Пелагонија, покрај модернизацијата на кракот Д од Коридор 10, повторното пуштање на пругата Битола – Кременица, чиј сообраќај преку оваа делница е укинат во 1984 година, е приоритет во железничката инфраструктура. Пуштањето на пругата Битола – Кременица, за регионот би било скусување на времето на патување и намалување на трошоците за превоз до солунското пристаниште. Во патната инфраструктура, приоритет е доизградбата на третата лента на патот Градско-Прилеп и изградба на автопат од Велес – Прилеп преку превојот Дервен, како и регионалниот пат од Битола – Ресен – Охрид – Струга. Така, стоките од регионот за извоз, како што се мермер, тутун, градинарски култури, јаболка, прехранбени производи би се транспортирале во светот поедноставно и со пониски трошоци.
Традиционално стопанствениците беа пречекани според старите македонски обичаи, а ја разгледаа библиотеката “Ал-Би”, и етно-собата во селото Бабино, во Демир Хисар.
Се постави и логото на Стопанската комора на Македонија на Куќата на книгата од страна на претседателот на Стапанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Loading