МЕТЕЖ ОД ШЛЕПЕРИ

Фрчат шлепери за извоз, претоварени со најквалитетни црвени и зелени пиперки и полни вреќи со бучински кромид на локалниот пат Галичани – Бучин. Тесното патче е пребукирано од сообраќај само овој период. Во почетокот на октомври ќе се засили фреквенцијата, зашто на овој потег, покрај откупот на градинарските култури, ќе почне и раното преземање на тутунот во картонски кутии. Полни раце работа на прибирањето на есенскиот бериќет имаат вредните земјоделци од Галичани, Боротино, Тројкрсти, Чепигово, Пашинорувци, Воѓани, Обршани, Крушеани, Кривогаштани, Бучин и другите населени места. Дури крај Црна Река се подигнал логор од шатори со неколу десетици ромски семејства, кои се ангажираат за прибирање на летнината.
Годинава и пиперките и кромидот нема да завршат в река, туку на трпезите низ светот. Првата класа црвени пиперки се откупува за 22 денари од килограм, а нетолку квалитетните се даваат за преработка во конзервната индустрија и за замрзнување и сушење во српско – италијанската фирма во Прилеп.
Земјоделците не креваат глава од работа, туку задоволно ги тријат рацете од поволните цени и високите приноси на сите култури.

Loading