ОД НИВА, ТУТУНОТ В КАРТОНИ, ПА НА ВАГА

НА 1 ОКТОМВРИ ЗАПОЧНУВА РАНИОТ ОТКУП НА ТУТУНОТ
– Ќе откупуваат шест фирми на 50 пункта во пелагониско, тутун обран од прва до петта рака
– Со раниот откуп ќе се преземат околу 6 200 тони тутун во земјава
Додека сé уште се собираат тутунските листови од нивите, а градот и околината мириса и е во иконографија со скелиња со тутун што се суши, шест откупни фирми на 1 октомври тргнуваат во ран откуп на родот. До 31 октомври ќе бидат отворени вратите на педесетина откупни пунктови во Пелагонија порано да го преземат за преработка дел од тутунот од годинешната берба. Се очекува во Пелагониско да се предадат над 4 500 тони тутун од реколтата, која годинава ќе тежи само во овој крај над 20 илјади тони или во целата земја околу 30 илјади тони. Илјадници тутунари порано ќе ги “ожнеат плодовите” на дел од макотрпниот труд во производството и да ја релаксираат семејната економска положба. Тутунарите ќе ги земат парите по една недела од предавањето на родот.
Ова е четврта сезона на ран откуп, откако откупувачите преземаат тутун во картонски кутии. Според Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунарите, времето е погодна за поран откуп, пакуван во картонски кутии.
– Тутунарите на почетокот со скепса гледаа на раниот откуп, а стигнавме до 6 200 тона во земјава. Лани купуваа само три, а годинава се шест фирми. Тутунарите бараат порано да го внесат родот и да добијат некои финансиски средства за зимници, школска година, огрев… Очекувам да се оствари најмалку 70 отсто зацртаното на откупувачите – вели Милески.
Раниот откуп сега е во една, а не во две фази. Секој тутунар со склучен анекс договор, целокупниот доисушен тутун од прва до петта берба, слободно може да го предаде. Последните поголеми септемвриски температурни варијации веќе предизвикуваат вируси кај тутунот.
Стручнаците очекуваат висок квалитет на бербата, но послаб квантитет, освен на површините со наводнување, поради сушното лето и јунското невреме со град.
– Родот е поквалитетен. Лани беше 180 денари, а сега се надевам да не биде под 190 денари. Цените се дефинирани и има незначително покачување од пет до осум отсто, бидејќи бараното не се оствари. Укажавме дека цените не се прифатливи. Производството на тутун на еден декар чини 23 илјади денари, а од еден декар просечно се раѓаат 174 килограми. Практично заработувачката е во државната субвенција од 60 денари од килограм – оценува Милески.
Продолжуваат настојувањата за задржување обработка на тутунот во земјава, покрај интенциите на Светската здравствена организација за редуцирање на продукцијата.
Во Прилеп со пелагонискиот регион има 25 илјади кооперанти и 14 илјади хектари, а производството ќе биде поголемо поради зголемените површини за 25 проценти.
Оваа година се издадени 33 илјади евидентни листови за 42 илјади кооперанти за производство на речиси 20 илјади хектари. Се очекуваат да се произведат околу 30 илјади тони тутун.
СУБВЕНЦИИТЕ ГО ЗГОЛЕМУВААТ ПРОИЗВОДСТВОТО
Родот до пред субвенционирањето до 2005 година беше 15 илјади тони, а сега е 30 илјади тони. Тутунот í носи на државата 100 милиони евра девизи и е егзистенција или дополнителен приход на 250 илјади жители. И светската асоцијација на тутунари, заедно со откупувачите, се борат против СЗО, која бара намалување на производството, а тоа, од друга страна, би предизвикало социјални немири.
Полевање со бунари во Могила
Општината Могила иницира копање бунари за полевање на тутунот. – Тука може да помогне Министерството за земјоделство, зашто акумулациите за наводнување се мали, а градбата на нови е скапа и долга. И системот “капка по капка” е комплициран за големи површини – оценува Милески.
Откупувачите да авансираат
Милески смета дека откупувачите не се придржуваат сосема на членот 13 од Законот за авансирање на производството, освен во вештачки ѓубрива, најлон…
– Бараме авансирање на заштитните средства не само за расадниот материјал, туку и за тутунот во поодмината фаза од вегетацијата. Тоа не е мал товар за тутунарите – вели првиот човек на тутунарите Данчо Милески.

Loading