ТИНЕЈЏЕР ВО ТРКА СО АФРИКАНСКИ РИВАЛИ

Осумнаестгодишникот Илија Пајмакоски совладува планини во трк
– Фудбалер станал тркач
– Млаз од адреналин низ карпите
Човековата потреба за трчање брзо, на кратки и долги патеки е стара колку и човековиот род. Да се биде брз, издржлив било потреба да се избега од опасно животно, да се биде успешен во битка, или да се пренесе некоја порака. Приморан бил човекот да совладува планини, ридови, реки без мостови и тунели. Така и планинското трчање настанало од потребата за преживување на нашите далечни претци.
Денес овие потреби не се повеќе неопходни, но дел од луѓето имаат желба да ја совладуваат природата, за задоволство и за кревање на адреналинот во крвта.
Еден од тие луѓе е Илија Пајмакоски, ученик во последна година при Гимназијата. Тој немал никакви предзнаења за спортот планинско трчање, зашто осум години активно играл фудбал. Фудбалот е познат и на најмалите, а планинското трчање само на мал круг луѓе кои тренираат и се натпреваруваат.
Репрезентативец за 4 месеци
Илија вели дека се заинтересирал за планинското трчање пред четири месеци, а резултатите му се завидни, како да е ветеран.
– Ми беше предизвик да го пробам овој спорт. Веднаш ми се “залепи за срце”. Се пронајдов низ брзината, тактиката, издржливоста и посветеноста. Точно тоа го барав од спортот. Можеби имав и природни предиспозиции за кои не бев свесен, па ги открив како изненадување со 10-то место меѓу 600 тркачи во натпревар за планинско трчање во Македонија. Успехот не остана незабележан. Веднаш добив клупска покана да бидам член на Маратон Делта. Без двоумење прифатив – кажува за почетоците, Илија, кој ја има целосната поддршка од домашните, во своите подвизи.
Со седиште на клубот во Скопје, а живеалиште во Прилеп, единствен начин на комуникација им е е-поштата. Во неа, скопските тренери на Илија му даваат совети за исхрана, распоред на тренинзи и го известуваат за натпревари.
– На државното првенство на планината Славеј бев прв и го добив репрезентативниот дрес. Патеката беше кружна и двапати требаше да се искачувам по два километри и да се спуштам по два километри. Вкупно осум километри трка, во која се вложив целосно. Тоа се исплати – објаснува Пајмакоски.
Трка низ полски планини
Успехот раѓа шанси, па Илија бил повикан од репрезентацијата да учествува во натпревар во планинско трчање во Круница Здрој, Полска. Учествувале земји со долга традиција во оваа дисциплина со 111 натпреварувачи. Не го заплашила импозантната бројка на “газелите” од Уганда, брзите Италијанци и Турци. Се тркал пожртвувано сите 9 200 метри и финиширал 62-ри. Тоа е завидно место, ако се знае дека ривалите биле поткрепени со физиотерапевт, доктор и помошен кадар. Секако, тука голем фактор е и искуството.
– Непобедливи беа натпреварувачите од Уганда. Трчаа како ветар, неуморно и без застој. Од почеток фатија темпо што го задржаа до целта. Неприкосновени се во било кој вид на трчање. Можеби природата ги надарила со тоа. Па не е никакво чудо што прв беше Угандиец – го кажува Илија своето прво светско “крштевање” во овој спорт.
За добар и успешен планински тркач потребна е диета со доста јагленохидрати и протеини и почитување на забраните за пушење, алкохол и брза храна. Опремата е минимална. Потребни се само патики со заострени запци, репрезентативен дрес и шортцеви. Но, за физичката спремност се потребни многу тренинзи. Кратки и долги трки до пет илјади метри за темпо, вежбање на справи за сите мускули на ногата за експлозивност и голема внимателност. Зашто по козјите планински патеки, многу лесно може да се истегне лигамент или долниот дел од ногата (листот) да “откаже послушност”.
– Трките се поделени на качување и слегување од планина. При качувањето најкористени се горните мускули на нозете, а при слегувањето, т.е. кочењето, пак истите, што го прави повторното искачување уште потешко. Натпреварувачот е потребно сам да си зададе темпо од почеток за да не се измори на половината од тркачката патека. Според правилата на светската организација за планинско трчање, за европските натпревари има само искачување, а на светските и качување и слегување со трк – подробно објаснува младиот Илија.
За да издржи и телото и духот, потребни се постојани тренинзи. Кај Скопје се користат патеките на планината Славеј и Водно, а кај нас Селечка и патот за Трескавец. Да се обезбеди континуитет на развојот на нозете, се вежба во сите временски периоди, и зиме на снег и мраз, и во есен и пролет, на раскашавен пат.
– Вистински тест дали те бидува или не беше ултра маратонот на планината Тара во Србија со должина од 55 километри. Имаше рок од 16 часа да се заврши трката, а јас ја завршив за девет. Слегувањето се покажа како многу потешко од качувањето, иако звучи парадоксално. Да не изгубам ни секунда, на точките за освежување и храна, во трчање ги земав подготвените оброци и освежителните пијалаци и јадев трчајќи – кажува за подвигот Пајмакоски.
Гимназијалецот учествува и на класични натпреварувачки трки, од 200 до 2000 метри, во кои успехот го мери со бројни први и втори места.
Во секој спорт има дружба и собирање на искуства од повозрасните, па тоа важи и за планинското трчање. На младиот Илија, тој дел му е многу битен зашто по природа е дружељубив.
Наскоро го очекува Љубљанскиот класичен маратон од 21 километар без искачување на нагорнини.
Како иден матурант, Илија размислува да ја продолжи наобразбата на Факултетот за физичка култура, за да ја поврзе спортската пасија со професионалната ориентација.

Loading