ЖИВОСТ ЗА ЖИВОТ НА МАРИОВО

Министерството за животна средина во акција

– Со акцискионен план ќе бидат дадени роковите за секоја фаза поединечно по што ќе следи и финансиски план

Мариово со недопрената природа, чистиот воздух, природната глетка, која ја полни душата, ја има специфичната клима, но има и празни куќи, запуштени огништа. Нема индустрија, но затоа има природен хидро и гео потенцијал. Затоа Владата сака да го развие Мариово.

Се изработува акционен план за сеопфатен развој на ова најмалку населено место, во кое не се раѓаат деца. Стартува проектот за Мариово најавен пред неколку години. Владата заклучи, а Министерството за животна средина, заедно со општините од регионот, особено со општина Прилеп, прават акционен план за ревитализација на населените места. Се планираат чекори кои ќе помогнат за заживување на мариовскиот крај, кој според податоците зафаќа 1250 км2 и на пописот од 2002 г. имало 800 жители или во просек нема жител на м2.         

– Планираме развој на еколошкиот туризам, природна храна, развој на концепти, сé што ќе значи зачувување на просторот. Односно развој на мариовскиот регион од сите аспекти.За уникатното богатство ќе направиме сé да се даде еден нов импулс за развој на Мариово. За две недели ќе излеземе со акционен план со роковите за секоја фаза поединечно. Ќе следи и финансиски план. Оптимист сум – вели Соња Лепиткова, државен секретар во Министерството за животна средина.

Мариово е ридско планински предел во јужниот дел на државава низ чие средиште тече Црна река, со најдолгата клисура – Скочивирската, со бесценета природна убавина. Глетката со раштрканите и ѕидани од камен куќи во кои никој не живее е присутна речиси во сите села до кои води асфалт. Украс е и камениот мост на Градешка река. Мариово чека заживување без индустријализација, со живописни предели, распослани на двата брега од реката.

– Агендата на ЛС се поклопува со акцијата на министерството за ревитализација на најчистиот и воедно најненаселениот крај во Македонија – мариовскиот. Општината презеде повеќе активности за заживување, меѓу кои и патна инфраструктура до скоро сите села во Мариово. Остануваат Полчиште и Бешиште за патна врска. Ќе се прави пообемна анализа за сите објекти на општината, ќе се направи студија за сите минерални, рудни и други богатства и да се почне со нивна евентуална експлоатација – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Мариово е поделено на три помали географски целини – битолско, прилепско и тиквешко. Некои велат дека Мариово се дели на Мало, она од левата страна на Црна и Големо Старо Мариово од десната страна на реката.

Кога ќе се спомене Мариово, најчестата асоцијација е Итар Пејо, или Калеш Анѓа, а за Мариово се врзуваат народни песни, легенди, митови и преданија. Населено било уште од антиката, а жителите биле многу храбри и воинствени.

За потеклото на името постои една легенда во која се вели дека некој турски бег сакал да ја земе во својот харем преубавата девојка Марија од тој крај. Таа се сложила но под услов да не се исламизира, односно да не се потурчува населението и да не се градат џамии, со што биле спасени од зулумите. Во знак на благодарност, областа се нарекла Мариово. Колоритните носии се препознатлив белег, од кои невестинската тежи дури  48 килограми. 

Loading