СТАРСКИ ЗАНАЕТ ЗАЧИНЕТ СО МОДНИ НОВИНИ

ОД ХОБИ ДО БИЗНИС

– МЛАДАТА РЕЛОВСКА СОЗДАВА УНИКАТЕН НАКИТ РАМЕН НА ФИЛИГРАНИТЕ

Младата и хиперактивна студентка на Економскиот факултет, Ангела Реловска е жив пример дека филигранството не изумира. Таа не е класичен занаетчија, туку модерен, кој ги имплементира вештините и ги следи новините во својата пасија. Генот за творештво го наследила од баба í Јованка. Ангела како мала се чудела на бабините плетените креации со игли. Татко í Илија, работи со камен и прави уметнички скулптури, фасади и фурни во ретро, рустичен стил. Во ДНК-та на младата Реловска запишано е дека е уметничка душа, отворена кон светот, со широки видици и раскошна креативност.

Родителите ја поддржуваат целосно. На 13 години првпат видела германски каталог, кој со слики и со чекори објаснувал како да се направи накит од мониста.

– Изгубен ден е, ден минат во лежење до доцна, или пиење кафе со саати. Душата ми бара активност и движење. Ме исполнува учењето на факултет, а уште повеќе изработката на накит и додавање апликации на облека – објаснува 20 годишната Ангела, која веќе седма година го “печи” занаетот кој важи за старски.

Но, креациите на Ангела се сé, само не старски. Со главниот алат – креативноста, и техничките, клешти за сечење, виткање и обликување, прави чуда од едноставен рибарски конец и мониста. Отвореноста и дружељубивоста í се најдобри “маркетинг агенти”. Клиентелата ја дели на детска, за која твори 10 отсто, тинејџери, до 30 години 60 отсто, и повозрасни 30 отсто.

– Секој човек има свој табиет и желби. Ме бидува да им проникнам во душата и да ги разберам каков накит сакаат. Прстените, обетките, синџирчињата, белезиците и брошевите ги правам во широк спектар и покривам и готски стил и стил со шмект на 50-те или полежерен, според проценката на карактерот. Никогаш не одбивам потенцијален муштерија. На сите им велам дека ќе се обидам, па ќе кажат, ако бендисаат. Фразите “не знам” и “не можам” за мене немаат значење – навлегува во пазарниот процес, Реловска, додавајќи дека доста од помош í е наученото на факултет.

Би рекле дека отсекот електронски бизнис и филигранството немаат ништо заедничко, но таа го спојува и едното, и другото, да се снајде во турбулентното економско време. На факултет има можност да ја искаже креативноста преку правење на веб страници, а и да научи за инпут и аутпут на производот. Во сé наоѓа инспирација. Времето за изработка на нарачан накит е релативно кратко, околу четири часа. На тоа му претходи “ментална бура”, разгледување на интернет, “извидување” за модните трендови и обмислување на финалниот производ. Така, уникатната белезица или прстен ги работи цела седмица.

– Морам да ја следам модата, иако понекогаш мојата замисла за накитот се коси со замислата на муштеријата. Ама непресушната имагинативност, креативноста и инспирацијата која ја црпам од сé околу мене, го прави производот токму стокмен за клиентот. Ретко се случува некој да не бендисал мое филигранско парче. Се трудам да ја совладам вештината на изработка на јаки со брош, кои се последен моден крик – кажува Ангела, која носејќи ги на себе своите ракотворби е “подвижна реклама”. Додека била на пракса во банка, скоро секоја од вработените побарала да í се направи прстен, ланче, брош или обетки.

Реловска суверено владее со занаетот во Прилеп. Нејзини креации се бараат во Битола, Крушево, Скопје ,па и во Германија. Како потпретседателка на АИСЕК – најголемата светска студентска организација која работи со размена на студенти и креативно учење јазици, посетила неколку земји каде, покрај задачите од прилепскиот комитет, успеала да најде клиенти за ракотворбите за кои се потребни стабилни раце, трпеливост и хируршка прецизност. Ситната црна мониста  í е предизвик при изборот на материјал за филиграни. Вели дека го расипала видот од скоро невидливите парченца мониста, кои се губат меѓу прстите.

Интересно е што покрај тоа што произведува за понежниот пол, Ангела се пробива со ракотворбите и кај машките. Прави плетени крстови како украс за автомобилите, и вели дека не ги препознава по бојата, марката или регистрацијата, туку по нејзиниот крст, за кој знае дека нема два исти.

Пред младата уметничка со филиграни се многу предизвици. Покрај тоа е оптимист дека ќе успее.

– Животот го сфаќам како предизвик на кој одговарам најдобро што можам. Го живеам со полни гради и размислувам не толку конвенционално како другите. Во иднина, на прво место е факултетот. Филигранството ќе биде мој сопатник – заврши Ангела, со мисла за следниот производ. На ум í доаѓа идеја за дуќан каде би работела, ама реалноста í влева скептицизам.         

Loading