СИНИ СНЕГОВИ (10)

СО ЦЕЛ ДА ЈА РАЗБИЕМЕ ЛЕТНАТА МОНОТОНИЈА, НО И ДА ПОТТИКНЕМЕ ЕМОЦИИ ДА ОБЈАВУВАВМЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА ОД НОВЕЛАТА СИНИ СНЕГОВИ ОД АВТОРОТ НАТАША МИРЧЕСКА.

Слушна како големиот клуч чкрапна во бравата. Во неа како да се затвори еден дел кој вечно ќе ја боли. Ема не се сврте, тешко зачекори низ белиот снег. Со секоја стапка како сé повеќе да í се топеше надежта. Кога под своите нозе го почувствува влажниот асфалт, беше сигурна дека овојпат засекогаш ја загуби љубовта на својот живот. Чувствуваше голема вина. Единствената улица низ селото ја водеше право на железничката станица. Се потресе кога го чу громогласниот пискот на локомотивата. Нејзиното бревтање, ја исплаши. Со наведната глава чекореше полека. Извади билет, возот í поаѓаше за неполни два часа. Во чекалницата и беше многу тесно. Со торбата на рамо се упати на перонот. Гледаше како локомотивата ги влече вагоните. Прво полека, тешко, а потоа се посилно и побрзо. Железната грдосија во спротивен правец наскоро ќе однесе и дел од неа. Возот повеќе не го гледаше. Се слушаше само нејзиниот татнеж. Наскоро остана сама на перонот. Тишината се распеа околу. Овојпат нотите í беа тажни. Ема седна на пругата и се стутка во себе. Изгледаше како напуштено девојченце. Погледот í заскита во далечините, низ снежното бескрајно пространство. Гледаше како од некаде доаѓа Никола право кон неа да ја прегрне со своите силни раце, да ја погледне со своите сини езера. Дојде снегот. Белите снегулки започнаа уште еден танц. Како да паѓаа само околу Ема, сакајќи да ја забелат нејзината болка. Почувствува дека некој ја гледа. Срцето почна силно да í бие. Го  знаеше тој поглед. Немаше храброст да се сврти.

– Тетке, ќе наврнеш. Мајка ми ме кара ако седам на пругата…

Ема, ги затвори очите, обидувајќи се да ги спречи солзите да í потечат по лицето. Се сврте. Загрижено ја гледаа две сини езерца, исполнети со многу љубов и детска наивност. Беше тоа Ана. Ема се плашеше да í проговори, зашто знаеше дека ќе почне на глас да плаче. Одвај í се насмевна. Ги допре нејзините зацрвенети обравчиња.

– Зошто плачеш?- искрено ја праша Ана.

Ема ја стегна нејзината рака. Од челото í ги тргна густите црни прамени коса. Ги гледаше прекрасните очи. Тажно и се насмевна:

– Ми е жал што не можам дома да понесам дел од овие сини снегови…

Ана зачудено ја погледна. Се насмевна и, речиси трчајќи, замина. Ема посака да í викне да се врати… Остана сама на пругата. Времето се ближеше. Наскоро ќе замине и никогаш повеќе нема да дојде во бабината куќичка. Несвесно почна да чекори по пругата. Снегулките како да ја заведоа. Го следеше нивниот бал. Жалеше што не може да биде среќна како нив. Повторно под себе го почувствува снегот. Нешто како да ја влечеше. Одеднаш здивот í запре. Како да се случи бајка. Снежните планини како да í ги отворија пазувите. Беа како кралици, гордо исправени околу  малото замрзнато езерце. Витите борови и елки околу него заштитнички го чуваа. На Ема í се чинеше дека сонува. Тоа беше најубавата глетка што ја видела. Срцето силно í биеше. Снегот престана да паѓа. Како некоја добра самовила да замавна со своето волшебно стапче. Низ езерото затрепери сончевата светлина. Неколку зраци како да се прекршија во замрзнатите води. Планините како да се преслекоа. Врз себе сега имаа сини снегови…

– Имав само 12 години кога првпат го видов ова… Баба ти ме донесе тука… Сакаше да ми покаже колку убавини носи животот, ако знеш да сакаш…

         Ема сонуваше. Со широко отворени очи од кои како да течеше река. Гледаше во Никола, а тој во далечините. Неговите замрзнати езера почнаа да се топат. Се исполнија со многу чувства и тага.

– Ме одгледа како син – тешко проговори – Ми недостига.

Ја погледна, но имаше сенка. Ема почна на глас да липа.

– Можеш да ми простиш – тивко го праша, не симнувајќи го својот поглед од неговиот.

Како да се гледаа милиони години. Солзите í запреа. Ја наведна главата. Сакаше само да ја гушне и да í прости. Нежно ја припи кон себе. Ги побара нејзините усни. Ема чувствуваше како неговиот бакнеж í ја враќа крвта во вените. Го прегрна неговото убаво тело како да сака да стане дел од него. Чувствуваше како ја посакува. Се бакнуваа додека не се огласи сирената на возот. Нејзиниот писок како да ја растури магијата. Ема како да замрзна.

– Ова е мојот воз – прошепоти, припивајќи се на неговите гради.

– Би сторила нешто за мене?! – ја праша нежно Никола.

Сé што сакаш, помисли Ема, не одговарајќи му на прашањето. Надеж, голема надеж се роди во неа.

– Остани засекогаш – ја молеше Никола.

– Засекогаш… не е можно – му рече.

Очите повторно í се наполнија со солзи. Колку многу сакаше да остане засекогаш.

– Некој те чека…?

– Ти имаш дом… семејство… – липаше Ема,… убава ќеркичка… жена…

Беше тоа најгласното смеење што до тогаш го чула. Планините како да се затресоа. Никола се смееше, мавтајќи со својата глава.

– Навистина, те сакам. Лудо е. Најпрво ми припиша љубовница, а сега жена и дете… Ема, па ти си полоша и од Ана… Таа е ќерка на мојата сестра… Никола се смееше, гледајќи како Ема ги менува боите на лицето. Веќе не знаеше што да мисли. Не знаеше што да му каже. Беше како загубена снегулка. Возот се огласи уште еднаш. Беше тоа последен повик. Ема немо гледаше во насмеаните очи. Беа толку сини и прекрасни. Се срамеше од себе си.

Никола во рацете  í го зеде лице.

– Ема, остани засекогаш овде. Дозволи ми да ти покажам што треба да сакаш. Ема, никој  досега не ми требал како тебе. Те љубам, како што снегот ги сака планините.

Ема го бакнуваше. Го сакаше за себе. Чувствуваше како срцето í е многу мало да ја собере сета нејзина љубов кон него. Беа силно гушнати. Околу нив сините снегови како да се топеа. Ехото го донесе бревтањето на локомотивата. Од некаде дувна ветер, понесувајќи го со себе далеку од нив двајца.

– Ќе ми кажеш што треба да сакам – му рече Ема, пресреќна гледајќи во неговите очи.

– За почеток, доволно е да ме сакаш мене – и рече Никола, бакнувајќи ја.

– А, потоа…?

– Повторно мене.

Ема како да леташе во облаците. До себе го имаше човекот што го сака. Човекот што ја љуби… Знаеше дека засекогаш ќе останат тука, покрај сините снегови. Гушнати, бакнувајќи се и љубејќи се додека на планините има снег….

(крај)

Loading