СТАРЕЦ “ВАДИ” ГАЈДА ОД КЛАРИНЕТ

АМАТЕР ВЕЗЕ НА ДУВАЧКИ ИНСТРУМЕНТИ ВО СЕДМАТА ДЕЦЕНИЈА

– МАРИФЕТ ЗА СВИРЕЊЕ НА ДВЕ КАВАЛЧИЊА

– БЛАЖЕ, ЗЛАТКО И ПАСКАЛОТ СЕ “МЕРАК” ЗА МЕРАК

Блаже Тодороски е внук на легендарниот гајдаџија од село Ропотово, Анте, за кого се кажува дека толку го бивало, што дури и свадби се одложувале, ако не бил тој да ја дува и шири гајдата. Тој е единствен свирач на кларинет што може да “извади” звук на гајда.

– Ако не се гледа свирачот, сите мислат дека свири гајда – додава Блаже, кој е задоволен од занаетот, оти добро се заработува, зашто се работи од срце и муштериите се секогаш задоволни. Генот не изумира, туку и внуците се далдисани по музиката и учат да свират на гитара.

ШКОЛА КАЈ ИЉМИ ЈАШАРОВ  

Родум од Ропотово, тој го зачувал музичкиот ген на дедо му и татко му Михајло. Талентот, тешко се “сокривал”, па сега 68 годишниот Блаже, од четврто одделение почнал да дува во кавалче за смотрите, а две години подоцна, со марифетлакот на свирење на две кавалчиња истовремено освоил прво место на натпревар во Долнени. Активен во свирењето бил и во средно.

– Наумив да се запишам текстилно во Штип. Таму веднаш се вклучив во групата “Македонка”, како што се викаше и училиштето. Настапувавме секаде низ Македонија. Кавалот го сменив со кларинет, а за саксафон ме научи татко му на Ферус Мустафов, Иљми Јашаров. Нему му се бендисуваше звукот што го вадев од кавалот и често ме викаше на негови свирки да изведам соло настап – кажува Блаже, кој не е музички поткован, ама го бидува за свирки, подобро и од учени музичари.

Уште една “чивија”, да се посвети на дувачките инструменти, му “заковал” другар од војска по потекло Србин, кој му рекол дека свири српска народна музика подобро и од Србите. Блаже го совладал и брзото српско темпо за кавал, покрај македонското – побавно.

Се вработил во Билјана, каде организирал КУД од пет члена. Тој на дувачки инструменти, хармоникаш, тапанар и уште двајца, ја “шпартале” цела Македонија. Секаде оставале задоволна публика која не жалела да залепи некоја илјадарка од динарите на испотеното чело на Блаже. Куќите во Македонски Брод со околните села ги знаел напамет, а свирел и тетовско. Во Штип групата на Блаже добила второ место на натпревар за КУД на текстилните работници од цела Македонија.

СВИРКА ТРИ ДЕНА ВО КИЧЕВСКО

– Најдолга кариера имав со групата “Денар”. Поминав 19 години и сменив неколку хармоникаши и од Македонија и нашинци од странство. Најмногу го негувавме традиционалниот македонски мелос. Во зависност од веселбата, теравме и босански севдалинки и српски ора – Моравац и Ужичко. Тогаш немаше техника и озвучување. Свирењето беше напорно. Пешки одевме од село до село на свадби, крштевки, банкети и какви ли не веселби по секакво време – објаснува Блаже.

Добриот глас на далеку се слуша. Затоа двапати биле канети да свират во Сомбор, Војводина, кај Македонци. Ама покрај нашинците имало и Срби, Романци и Унгарци кои останувале без збор после свирките. Дури  им платиле авионски билет за свирка во Апатин, ама “Денар” на Блаже не заминал, оти имал закажано друга свирка во Македонија.

– По распадот на “Денар”, во 2006-та, си го зедов син ми во групата која ја нарековме “Мерак”. Син ми Златко е по ударните инструменти, а Горан Паскало е задолжен за хармоника. Во овие седум години сме биле на безброј домашни веселби. Најтешка свирка беше за Водици во кичевско. Таму треба да се свири два дена и две ноќи со ред. На првиот ден од празниот, машки Водици, се шета по секоја куќа со мажите од селото, а на вториот со жените. Така се погодува да свириме во 32 куќи по двапати. На третиот ден се свири денски за сите насобрани на сред село, и домашни и дојдени од дијаспората – вели долгогодишниот музичар кој не им се дава на младите и уште го тера занаетот.

Според него, модерната технологија го чуручи автентичниот македонски мелос, оти со синтисајзерот се дава друга – полоша нота на отсвиреното. Кога естрадни уметници доаѓаа во Прилеп, бараат да ги следи со инструменти тајфата на Блаже. Соработувал со Благица Павлоска, Николина Стојаноска, Мирко Митрески, Бади Бекир…

Loading