ЛУБЕНИЦА ОД 20 КИЛОГРАМИ ЗА ЕВРО НИКОЈ НЕ САКА

СКАПУВА ПО НИВИТЕ ДАЛЕКУ ПОЗНАТИОТ КАНАТЛАРСКИ БОСТАН

– МАЛ ИЗВОЗ ЗА ТРИ ДЕНАРИ САМО НА ПАРЧИЊА ДО ДЕВЕТ КИЛОГРАМИ

– СКАПО Е ДА ИМ СЕ “СЕРВИРААТ” ГОЛЕМИТЕ НА ГОВЕДАТА

Околу пет илјади тони шербет, благи лубеници поголеми од десетина килограми чекаат муштерии во атарот на селото Канатларци. Традиционалните производители плачат, оти никој не ги откупува црвените зрели лубеници. Одвреме – навреме се појавува некој шлепер да товари по дваесетина тони, и тоа лубеници до девет килограми. Но, главнината од производството лежи и скапува по нивите. Жителите се жалаат дека годинава лубениците се жив зијан. Никој не сака лубеница од 20 килограми за едно евро или по три денари од килограм.  Не се исплати бостанот да се крене од нивите и да им се “сервира” на кравите и другиот добитокот. Во селото нема ни толку говеда да се хранат со пет илјади тони лубеници.

– Катастрофа. Скапува сто тони бостан на два хектари. Никој не купува. Килограм не сум продал ни за три денари. Ќе ги дадам и за помалку, да ја ублажам штетата. Ни државата не се интересира. Не знам како ќе опстанеме со овој голем проблем. Ќе направам зијан од четири илјади евра – вели Музафер Мустафоски со осумчленото семејство.

Според него, поголемите лубениците не се откупуваат, односно по некој трговец ќе дојде да купи некој шлепер за Хрватска или за Чешка и тоа девет до килограми.

– Не можеме лубениците да ги темпираме да зреат и да растат до таа тежина. Природно растат над десет килограми, до 25 и повеќе. Ако ги откинеме порано, тие нема да бидат зрели и ќе ги мамиме муштериите. Поголемите лубеници се поквалитетни. Тоа им е придреден дар – вели Мустафоски.

Од дедо – прадедо семејството на Зејнел Садикоски живее од лубениците. Не памети ваква родна и економски лоша година. Натоварил два тони лубеници на тракторот да ги продава по маалата во Прилеп.

– Никој не ги сака лубенициве над 10 килограми. Откупуваат само помали. Не можеме да ги сечеме. Растат големи над 20 килограми на шесте декари. Затоа молиме по сокаците во Прилеп да продадеме некое парче. Ќе ги изораме нивите заедно со непродадените 50 тони. Бадијала се вложувањата – вели Садикоски, на чие семејство, земјоделството му е единствен извор за егзистенција.

Над 300 тони лубеници на четири хектари ќе останат по нивите кај самостојниот земјоделец со 12 члена фамилија без ни еден вработен Муса Мустафоски.

– Нема извоз. Нешто се продава. Сите лубеници се над 9 килограми тежина. Не се исплати да се собираат лубениците од нивите. Еден аргат чини 1500 денари дневно да дојде од Прилеп и да помага. Нема сметка. Лубениците ќе останат в поле. Отиде во неврат инвестиција од неколку илјади евра. И добитокот не може да изеде пет илјади тони лубеници, колку што има во селово. Како да соберам 300 тони и да им ги дадам на неколкуте крави. Затоа в година ќе посадам само еден хектар, колку да се одржи адетот вековит – се жали Муса.

На речиси 200 семејства во Канаталарци единствен извор за живот им се  лубениците, тутунот, житото и пиперките.

Loading