“ПРАВЕТЕ” ДЕЦА ДА НЕ БИДЕМЕ ОПШТИНА НА СТАРЦИ

ПРИЛЕП – ЖРТВА НА “БЕЛАТА ЧУМА”

– ПОВЕЌЕ ПОЧИНАТИ ОД РОДЕНИ Е ПОДАТОК ЗА ЦРВЕНО СВЕТЛО ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ МЕРКИ ЗА ПРЕСТАНОК НА 30 ГОДИШНИОТ ТРЕНД НА ПАД НА НАТАЛИТЕТОТ

Во Прилеп сé поголем замав зема тивкиот и перфиден “убиец” на населението, односно намалениот број на родени во споредба со растот на починатите луѓе. Според реперот на ООН, “белата чума почнува да дивее”, односно населението да старее, ако 10 или повеќе отсто од жителите се на возраст од над 65 години. Прилеп во 2012 година е во групата општини со старо население со 14,2 отсто “старци” со над 65 години, а бројот на млади до 19 години бележи пад на 23,2 проценти, во споредба со 40,6 отсто во 1971 година. Дека “белата чума коси”, сведочи и податокот што морталитетот во последните години е веќе поголем од наталитетот. Во 2012 година во општина Прилеп на свет дошле 773 прилепчанчиња, а се погребани 897 наши сограѓани. Последиците од ваквите демографски промени се во слабеењето на целокупната состојба на една земја, пред сé репродуктивната способност на населението и економскиот развој и одбранбената способност на земјата.

За ублажување на последиците е потребна популациона политика со стимулативни мерки за подобрување на наталитетот, подобрувањето на стандардот, менувањет на свеста за бракот и семејството. Од друга страна, потребно е намалување на морталитетот кај населението со подобри животни услови, подобрување на санитарно-хигиенските и епидемиолошките услови, рано откривање и лекување на заболувањата и пред сé примарна и секундарна превенција со постојано и редовно спроведување на скрининзи за рано откривање на одредени заболувања кај целни групи на населението.

Прим. д-р Василе Пејкоски, специјалист по социјална медицина со организација на здравствена дејност од Центарот за јавно здравје, смета дека оваа состојба има подолготрајна тенденција на намалување на населението и негово стареење. Причина за тоа се демографските промени кај населението, економските прилики и миграцијата кон поголемите градови и надвор од земјата. 

– Загрижувачки е податокот што последниве години расте бројот на починатите во однос на родените. Лани починале 124 граѓани повеќе отколку што се родиле. Значаен е и еден друг момент, што треба да се има во предвид, а тоа е намалување на женското население од генеративен период, способно за раѓање деца – вели  Пејкоски.

Според него, алармантно е што бројот на живородени деца се намалува во подолг период. Во 1980 г. на подрачјето на Прилеп имало 1719 новородени, а лани 773 живородени деца.

– Првиот негативен прираст во Прилеп е забележан во 2004-та со помалку за 34 лица. По пописот од 1971 г., младо население (од 0 до 19 г.) имало 39 166 лица или 40,6 отсто, а во 2002 г, 25 459 лица, т.е. 27,0 отсто. Од друга страна, расте бројот на старите (лица над 65 г.) од 6 520 или 6,8 отсто во 1971 година до 13 163, т.е. 14,0 отсто  во 2002 г. – истакнува д-р Пејкоски.

Според него, причините за негативниот природен прираст се во стареењето на населението, намалувањето на младите возрасни групации, со тоа и на наталитетот, како и зголемување на морталитетот. “Вина” за раст на морталитетот е и ширењето на хроничните болести како кардио-васкуларните болести, малигните заболувања, дијабетот, повредите и т.н. Според податоците од Државниот завод за статистика, за населението убиец број еден се болестите поврзани со срцето и крвните садови. Во 2012 г. од нив умреле 64,5 отсто од сите починати, од малигни заболувања 19,6 отсто, од шеќерна болест 4,2 отсто, а од повреди и труења 2,5 отсто.

Ваквата состојба е слична и во поголемиот дел од регионов и во цела Македонија. Во регионов, исклучок се општините Долнени со позитивен прираст од 89 лица и Пласница со 31 лице.

Значаен показател е и виталниот индекс (број на живородени на 100 умрени). Во Прилеп тој изнесува 86,2 отсто, а во Пласница е 175,6 отсто. 


Loading