НИКНУВААТ ФАБРИКИ, ЗГРАДИ И БИЗНИС ЦЕНТРИ

ДРЖАВНОТО НЕИЗГРАДЕНО ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ СÉ ПОАТРАКТИВНО

– НА БАРАБАН ПЛАЦ ЗА БЕНЗИНСКА СО ПРИДРУЖНИ ОБЈЕКТИ

– ЌЕ СЕ ПРОДАВА И ПРОСТОРОТ ОД ПОРАНЕШНАТА ОПШТИНА

Општина Прилеп е лидер во менаџирањето со неизграденото државно градежно земјиште. Поволните услови, атрактивноста на локациите и усогласеноста со законските прописи, ги привлекуваат инвеститорите кои овозможуваат економски развој. Значителна е и финансиската инјекција за освежување на буџетот. А граѓаните добиваат подобрување на условите за живот со можност за вработување.

Во најновата 12-та објава за продажба на градежно неизградено земјиште се нуди парцела на магистралниот пат Прилеп – Битола, во близина на селото Тополчани за изградба на бензинска пумпа и услужен центар, како што се на пример продавници за исхрана, сувенири и слично. Потенцијалните инвеститори ќе се обврзат за 12 месеци да го изработат проектот, да платат комуналии и за шест години да го изградат објектот.

– Парцелата е од 27 000 м2. Предвидена е градба на повеќе објекти со површина од 9 000 м2. Предвидени се објекти со приземје или со приземје и два ката. Вкупно по катови површината би била 17 000 м2. Почетна цена за наддавање е 200 денари од м2. Пријавувањата се до 16 септември, а електронското наддавање ќе се одржи на 20 септември. Локацијата е одлична, на магистрален пат, во близина на фармата Џаферица. Има можност и за трговски центар со бензинска пумпа, ресторани, како што е на Запад – објаснува градоначалникот Марјан Ристески. 

Досега се продадени 25 локации за индивидуално домување и 21 локација за изградба на индустриски објекти. Продадени се пет парцели за колективно домување и неколку парцели за деловни објекти во чаршијата, меѓу кои за големиот трговски центар, за катните гаражи. Се подготвуваат нови атрактивни локации за продажба.

– Тоа е индустриската зона Прилеп 2, кај стариот сточен пазар со, околу 15 локации за стопански објекти. До крајот на годината локациите ќе се дадат на електронска аукција. Атрактивна локација е старата  општинска зграда во строгиот центар. Предвиден е деловен простор, комбиниран со колективен станбен објект со повеќе од 10 ката. Руинираните објекти кај старата болница во иднина, доколку се продаде, ќе прерасне во урбана средина со атрактивни објекти. Се спремаат локации и за Точила – вели Ристески.

Континуирано се продаваат локации за градба на куќи во населбата Градина, каде ќе има место за изградба на згради. Се продава модул по модул, затоа што општината е обврзана да гради комплетна инфраструктура – канализација, водовод, електрична енергија, патишта.

Во тек се градежните зафати во индустриската зона Прилеп 1, која комплетно се оспособува со инфраструктура за продадените 21 локација. Додека се гради, патиштата ќе бидат тампонирани, да не се уништуваат, а откако ќе се заврши со инфраструктурната подготовка, ќе се пристапи кон асфалтирање.

Најзаинтересирани се фирми од градов кои сакаат експанзија на бизнисот, но и познати домашни и странски компании.

Веќе се гради новиот транспортен центар на местото од противпожарниот дом .

СЕДУМПАТИ СКОКНА ЦЕНАТА ЗА КВАДРАТ

Успешно заврши аукцијата за продажба на плацот на т.н. млечен пазар со постигната цена од 15 500 денари од м2. Или локацијата од 1600 м2 е продадена за околу 401 илјади евра. Претстои евентуална жалбена постапка. Дознаваме дека купувачот е познат трговски бренд во државава, кој треба за шест години да крене објект од околу 5 000 м2 со приземје и два ката и подземни гаражи .

СЕ ПРОДАВААТ И ПРИЗЕМЈАТА НА ДОМОВИ НА МЕСНИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Од домовите на месните заедници, се продаде приземјето на  домот Солидност. За другите објавени огласи немало интерес, иако беа деловни објекти. Тоа е “мртов” простор во сопственост на општината.

За локацијата до црквата во Точила не се пријавил инвеститор и со новиот ДУП се подготвуваат измени.

Општината не може да гради објекти и фабрики, но може да обезбеди поволно место за инвеститорите да направат стопански или друг вид на објект.

Loading