НАШИНЕЦ ЛОВИ НАРКОБОСОВИ ВО ЊУЈОРК

ТОНИ ПЕТРЕСКИ, АМЕРИКАНСКИОТ ДЕТЕКТИВ ОД СПЕЦИЈАЛНАТА АГЕНЦИЈА ЗА БОРБА СО НАРКО КРИМИНАЛОТ – ДЕА

– КРУПНА МИСИЈА БИЛО ЗАПЛЕНУВАЊЕТО НА ПЕТ МИЛИОНИ ДОЛАРИ ДОНЕСЕНИ ОД КОЛУМБИСКАТА МАФИЈА ВО САД, А УЧЕСТВУВАЛ И ВО АКЦИИ ВО ФЛОРИДА И НА ПОРТОРИКО.

– МЛАДИТЕ МАКЕДОНЦИ ВО ЕНКЛАВАТА ОД ДЕСЕТ ИЛЈАДИ СОНАРОДНИЦИ ВО ЊУ ЏЕРСИ, РЕТКО ПОСЕГААТ ПО ПОРОЦИТЕ НА СОВРЕМЕНИОТ СВЕТ

Како во акционен филм во живо, американскиот детектив со прилепско потекло Тони Петрески секојдневно трага по нарко босови во Њујорк и Њу Џерси. Го става животот на коцка во битка со американското нарко подземје 40 годишниот Американец од родителите Јонче од селото Алинци и Ангелина од Ивањевци. Сопругот на прилепчанката Наташа вели дека имал опасни мисии кога му висел животот на конец. Ги надминал тешкотиите и успеал да го зачува мотото на колегите, “со колку дупки ќе ја почнеш полициската кариера, со толку да се пензионираш”, поради стручноста и искуството од 16 години во американската полиција.

Таткото на две малолетни деца, секоја година го користи неколкунеделниот одмор на родната грутка на своите родители во Прилеп. И брачната сопатничка ја нашол во градот под Марковите Кули.

ДЕМНАТ РИЗИЦИ

Според него, полициската работа е опасна преку Океанот, во споредба со Македонија. Ризичниот амбиент нема влијание на истрагите, кои му станале рутина, навика. Оценува дека се мали шансите за несреќи, иако демнат многу опасности  со милиони луѓе на тесен простор со многу криминал.

– Бев палав, улаф, средношколец. Задоволен од сé. Сфатив дека тоа не е вистинскиот пат за мојот живот. По средното училиште, завршив полициски науки, магистрирав криминологија, па посетував една година полициска академија. Прво бев во секторот за малтретирани деца. Искуствата беа страшни. Дури и денес имам кошмари. Во Бронкс видов бебе од три месеци, на кое мајка му, му го пукнала черепот, оти плачело. Имаше случај на дете од шест години со гонореја. И многу други непријатни случки. После ме распоредија во трговијата со украдени автомобили – кажува Петрески за дебито во полицијата.

Со македонската крв во жилите, храбриот инспектор бил и дел од специјалната агенција за борба со нарко криминалот – ДЕА. Кажува дека  младите Македонци од енклавата во Њу Џерси од десет илјади сонародници, ретко посегаат по пороците на современиот свет, макар што тешко се одолева на предизвиците и не е лесно да се остане имун да не се проба од “забранетото овошје”.

– Најопасна акција беше кога требаше специјалците да фатат еден нарко бос, а ние инспекторите ја набљудувавме акцијата која ја подготвивме. Нарко шефот успеа да побегне и тргна кон мене вооружен. Успеав да го соборам со оружје во раката, без да истрелам куршум од револверот му ги ставив лисиците, а после го уапсија специјалците. Крупна мисија беше и запленувањето на пет милиони долари валкани пари за перење и други драгоцености, донесени од колумбиската мафија во САД. Учествував и во акции во Флорида и на Порторико. Не е лесно, но сме ефикасни со постојаните вежби и надградувања. Успеваме да ја одржиме кондицијата и да имплементираме нови полициски методи. Најбитна е довербата и соработката со колегите – вели нашиот инспектор во САД.

Во Њу Џерси е опасен хероинот. Младите почнуваат со силни лекови против болка кои се даваат на рецепти по аптеките, а содржат наркотични соединенија, кои ги кршат во прашина и ги вдишуваат со носот. Кога ги снемува скапите апчиња, веќе стекнуваат зависност и наркоманите заминуваат во гето, каде на секој агол има дилери на хероин. Синтетичките дроги се многу страшни.          

Полициската процедура е како во Македонија. Се собираат докази, се следат осомничени, се претресуваат домови и на крајот се апси осомничениот за да се донесе пред судија. При крајот се вклучуваат и обвинителите.

– Имавме случај кога еден нарко дилер носеше кај лекар социјално загрозени луѓе да им препишуваат силни лекови, кои после им ги купуваше за 200-300 долари, а на наркоманите ги продаваше десетпати поскапо – го пренесува последниот случај  инспекторот Петрески.

ПЕНЗИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

Посакува и планира да ја користи пензијата во Македонија по четири години. Европа му е привлечна поради стилот на животот, културата, јазикот, архитектурата… Би му било ќеф да пренесе дел од искуството на македонската полиција без надомест, туку за демонстрација на љубовта кон татковината и подоброто утре на својата земја. Се чувствува Македонец, кој се нервира на луѓето кои ја критикуваат родната земја.         

– Македонија е млада држава, која полека напредува секоја година. Потребна е трпеливост. Не треба многу да се направи, државата да биде силна и стабилна. И Прилеп го менува ликот на поарно. Во прогрес е со градоначалникот Марјан Ристески. Секое доаѓање забележувам разубавување. Градот наликува на европски. Уживам да шетам со децата низ чаршијата. Не летувам во Грција, туку ја откривам Македонија, посетувајќи го богатото историско наследство во Битола, Охрид, Скопје, Стоби… Мерак ми се манастирите, црквите, градени пред столетија. Македонија има здрава душа со цврсти и амбициозни млади – ги пренесува впечатоците на градот, инспекторот од САД Тони Петрески, кој ја сака Америка, а дише македонски.

НАШИ АДЕТИ 

Петрески контактира со нашите во САД. Ги одржува христијанските адети, како што ги правела мајка му. Не изостанува да биде во македонските цркви за големите верски празници.

– Се среќаваме за Божик и Велигден, иако немам многу време. Се негуваат традициите на вапсување јајца, на украсување на домот за Божик по нашите обичаи – вели Петрески. 

МАКЕДОНСКО СРЦЕ

Иако и тој и децата му се родени во САД, сепак во срцето Тони Петрески ја носи Македонија.

– Колегите ме прашуваат – ако има војна меѓу Македонија и САД, од која страна ќе бидеш? Им велам дека ќе сум неутрален. Тоа за Американците е недоволно. Треба комплетно да си предаден на САД. Друго ништо. Не можам да речам, само Америка, дека сум роден во Америка и дека децата се родени во САД. Срцето ми е македонско –  вели Петрески.             

Loading