АВСТРАЛИЈАНЦИ ДОНИРАА 43 ИЛЈАДИ ДОЛАРИ ЗА ТРЕСКАВЕЦ

Донација од 43 илјади долари од нашинците во Австралија се префрлени на сметката за обнова на изгорените конаци на манастирот Трескавец. Градоначалникот Марјан Ристески, кој неуморно го поттикнува собирањето средства, заедно со Советот издвоија лични и локални средства, рече дека пристигнуваат пари за манастирот од сите страни на светот.

– За празникот Богородица ќе биде пуштен во употреба асфалтиран пат од седум ипол километри. Дотогаш ќе се оконча подготовката на проектите да почне со реконструкција на изгорените конаци во пожарот од февруари. Со новиот пат за Трескавец се создаваат околности за развивање на манастирскиот туризам. Очекуваме Трескавец и Зрзе да се посетуваат од околу сто илјади гости годишно – рече Ристески.

– Како деца одевме во манастирот. Болно ми одекна веста и сликите за пожарот. Се приклучив во организацијата за собирање и со сопствени средства, со голема желба да го вратиме манастирскиот сјај,  поубаво, отколку што се сеќавам од детството. Петчлениот одбор го поддржаа нашинците не само од прилепско, на донаторската забава на 29 јуни – рече Димче Тасески, прилепчанец, кој живее во Австралија. 

Сопругата на иницијаторот од Австралија, прилепчанката Ратка Димоска, порача продолжение на подароците, оти Божјиот дом е сехристијански.

– Од далечната Австралија не го забораваме манастирот, зашто Мајката Божја ќе врати арно на сите донатори – рече Димоска.

Отец Калист, кој се грижи за манастирот, соопшти дека досега се слеани на сметката околу 4,5 милиони денари.                                                                

Loading