ЖИВ Е ДУХОТ НА СИЛЈАН ШТРКОТ ВО МАЛО КОЊАРИ

ДОДЕКА ШТРКОВИТЕ ЗАМИНУВААТ НА ЈУГ НА СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН

– НЕКОЛКУ НЕСКРОТЛИВИ ТАБИЕТИ СЕ СМЕТААТ ЗА “СОВРЕМЕНИЦИ” НА ЛИКОТ ОД ПРИКАЗНАТА НА ЦЕПЕНКОВ

Остануваат празни гнездата на штрковите на секој оџак во блиското село Мало Коњари за празникот Свети Пантелејмон. Од памтивек природниот инстинкт ги тера штрковите кои од март виат седела, во август да заминат во јужните краиша заедно со новите потомци. В година пак ќе се населат на истата бандера или куќа и ќе го продолжат сојот во топол дом.

Мало Коњари е препознатливо  по производство на млеко. Жителите од дамнина биле главните снабдувачи на градот со оваа прехранбена напивка.

Додека штрковите ги растегнуваат крилјата за долгиот пат, љубопитство предизвикуваат корените и врската на селото Мало Коњари со легендарната приказна за Силјан Штркот, собрана од Марко Цепенков. Народниот собирач на преданија пренесол дека лошиот син Силјан, бил проколнат од таткото му Божин да не може да ја види фамилијата, та го претворил во штрк.

Дали секоја приказна има барем половина вистина?

Жителот Трајче Каралиоски, со гордост кажува дека потекнува од селото на Силјан. Како тој што слушал од постарите, преданието се создало, поради блискоста на селото до прилепската чаршија.

– Прилеп ги привлекувал, ги мамел младите да го вкусат тогашниот градскиот живот. Додека чаршијата буела со разни занаети, на младите пркосни луѓе од селото им бил тесен селскиот атар. Животот полн со мака и напор во земјоделските работи барале да го сменат со градскиот, да појдат в чаршија, каде имало фрекфенција од луѓе, да седнат во некоја крчма, да го почувствуваат духот на сокаците и да го мирисаат градскиот стил на уживање, носен од времето. Според преданијата, таков бил и  Силјан Штркот. Се поврзал со еснафот, а познатите мајтапчии му се погодиле за муабети. Сакал да истражува, да открива, оти имал авантуристички табиет. Слушал за земји преку море, земји без зима. Дојдени намерници во Прилеп му кажувале за странство, а тој се стремел да го проба, да го вкуси тоа привлечно, невидено место – кажува Каралиоски.

Се смета дека потеклото на приказната за Силјан е од  фамилијата Божиновци, со куќа сред село.

– Постоел нескротлив млад човек со силен порив за патувања, брлив и аздисан. Тоа го мотивирало Цепенков за ликот на Силјан – оценува Каралиоски.

Штркот е избран за метафора во приказната по кажувања на претците дека тие заминуваат и секогаш се враќаат на родната земја. Тука го свиле гнездото, тука се родиле и ги влече местото.

Според Каралиоски, и денес живее духот на Силјан Штркот во малокоњарци. Ги привлекува градскиот живот. Секоја вечер се излезени со возило и не прашуваат дали има работа. Карактеристичните особини не им се сменети. Им врие генот, носен во крвта, како во времето на Цепенков.

Потврда дека во легендата има вистина е тоа што околината на селото била полна со вирови со жаби. А каде има жаби, природно е во синџирот на исхрана, да има и штркови. Неистечната вода била одличен “ресторан” за штрковите.

– Има  многу примери дека боеми и луѓе што сакаат да го вкусат градскиот живот се коњарци. Имало и ќе има наследници на Силјан Штркот. Нив место не ги фаќа и ретко или никогаш не се вртат дома. Постојано во нив тлее желбата да пробаат нешто друго, различно, да посетат невидени места… Има луѓе што ги превртеле сите континенти и пак се вратиле во родниот крај. Имаат љубов кон добрите жени, добрата капка… Трајко, викан Моторот, е жив пример за новите Силјани – додава Трајче Каралиоски.          

Врската меѓу Прилеп и Мало Коњари е нераскинлива.           

– Технологијата колку што е добра толку е и лоша. Ние, коњарци, остануваме таму. Секој селанец не крие дека е од Мало Коњари и дека од таму го вади лебот. Секој жител има “фабрика” дома. Нема потреба коњарци да се вбројат во градската безработица кога плодното земјиште им е под носот, во дворот – вели Каралиоски. 

 Можеби токму затоа во селото постојано живеат околу 800 жители.

ШТРКОТ НОСИ СРЕЌА           

Покрај приказната дека штркот носи деца, според кажувањата на мајка му на Каралиоски, тој носи и среќа.

– Постои суеверие дека е среќа гнездото на штркот на оџакот. Ако се урне, куќата ја сардисуваат несреќи. Интересни се ритуалите за чифтење на штрковите, кога мажјаците изведуваат разно-разни перчења за привлекување на женките. Церемонијата на додворување е својствена за април – вели Каралиоски.

Штрковите заминуваат на југ за Свети Пантелејмон. Се собираат во јата на секоја бандера. Се подготвуваат за лет и со одмори на Пелопонез и на Крит во Грција го прелетуваат Медитеранот на патот до Африка. Природата држи еквилибриум и пркоси на современата цивилизација и глобалното затоплување. 

Loading