ОБЕЗБЕДУВАЧИТЕ СО ОРУЖЈЕ И КУЧИЊА

Како што беше најавено, минатиот месец се промени Законот за обезбедување на лица и имот. Роди плод десетгодишното настојување на агенциите за поголеми овластувања.

Новите законски одредби на фирмите од оваа дејност  им ги зголемуваат пасивните и активните мерки.

Од агенциите објаснуваат дека промените ќе влијаат позитивно, зашто “рак – рана” била законската обврска да не носат огнено оружје лицата кои вршат патролно обезбедување.

– Вработените ќе можат јавно да го носат оружјето на трасата за патролирање. Дозволено е користењето на помошни средства – дресирани кучиња и хемиски средства – солзавец. Задолжителна е здравствената контрола од ветеринар на кучињата, а вработениот, задолжен со дресирано куче, е обврзан да го води со заштитна маска на устата. Пуштањето на куче – чувар без заштитна маска е рамно на недозволено пукање со огнено оружје. Солзавецот е дозволен за користење при совладување на лице кое претставува јавна опасност и пружа отпор на овластените лица. Сметаме дека ова хемиско средство, кое е безбедно и не остава трајни последици, ќе послужи при обезбедувањето на поголеми манифестации. И тоа се набавува како муницијата за огнено оружје – кажуваат од агенциите.

Од другите подзаконски акти, се спомнува задолжително носење на флуоресцентен елек на местото што се обезбедува, а има повеќе од пет агенти. Балистичките елеци и шлемовите ќе се користат најчесто при транспорт на пари и драгоцености. Не е исклучена можноста шлемовите да се носат на манифестации од висок ризик.

Останато е само едно отворено прашање. Комората на агенции за обезбедување бара агенциските возила да имаат ист третман во сообраќајот како и возилата на брзата помош, противпожарните и полициските возила. Дадената предност би се најавувала со ротациски сигнални светла и звучна сигнализација. Предноста на минување во сообраќајот ќе биде ограничена само доколку се пренесуваат пари и драгоцености или се оди на интервенција на дадена локација. Постапката за ова прашање е во процедура и се очекува позитивен исход.

Со законските измени и тие што претстојат, значително ќе се редуцираат агенциите кои ќе поседуваат лиценца за обезбедување, зашто обуката на персоналот, возниот парк и техничкиот надзор се издигнува на високо рамниште и не секој ќе може да си ги дозволи темелните и скапи промени.      

Loading