ИГРА НА СПРЕМНИТЕ

ВО ИМЕ НА САМОДОВЕРБАТА

“ДОВЕРБАТА ВО ПОМОШ ОДНАДВОР, ДОНЕСУВА НЕСИГУРНОСТ И СТРАВ – ДОВЕРБАТА ВО САМИОТ СЕБЕ, СОЗДАВА СНАГА И ДОНЕСУВА РАДОСТ” – БУДА

Убаво би било кога во ова наше општествено секојдневие во кое, за жал, за многу работи зависиме од другите, кога е воопшто возможно да се завртуваме кон самите себе. Да се обидуваме да не се заглавуваме во позиции на очекување “дарови од небото”, да молиме и да се понижуваме за  вработување за себе или за своите деца, за некое унапредување на работното место, да се тресеме поданички дали ќе добиеме социјална помош доколку сме на егзистенцијалното дно или да молиме Бога да добиеме паричен надомест за помош и нега од друго лице за наш немоќен болен.

Да се завртиме поактивно и помобилно кон она што би можеле самите да го направиме, а тоа не е малку.Било кој од нас би можел да направи многу повеќе добри работи, корисни за себе и за околината, кога би ги сметал дека се помалку неможни.

Добро е наутро да се будиме со поголема одважност и спремност отворено и бескомпромисно да се судриме со сите наши слабости, кои не спречуваат да зачекориме посигурно кон поуспешно и поубаво денес и утре. Треба да си кажеме дека тоа што не сме лоши не треба да не спречува да се обидиме да бидиме подобри и најдобри. Да го започнуваме секој нов ден како нов натпревар со животот кој ни дава повторна шанса да играме, и ако дадеме сé од себе, да изиграме подобро од обично и да извлечеме подобар резултат од порано. Само низ спремноста да влегуваме во дуел со животот можеме да се соочиме со сознанието за нашата игра и за нашите слабости кои не попречуваат да одиграме подобро. Од тие причини, како неизбежност за секој, кој сака и знае дека може да биде подобар на животниот терен, а со одредени потези и најдобар, мора бескомпромисно да влезе во дуел со себе, со своите непотребни, некорисни, па и штетни потези, навики и зависности, кои го попречуваат да одигра победнички.

“Луѓето мислат дека самооткажувањето ја одзема слободата. Тие не знаат дека единствено самооткажувањето дава вистинска слобода, затоа што не ослободува од нашите страсти и зависности кои ни се најголеми тирани”. – Фенелон

Да се обидиме најпрво да направиме подобри личности од себе, подобри браќа и сестри, подобри родители, подобри брачни партнери, подобри деца, подобри другари, подобри колеги, подобри работници, учители, судии, доктори, ученици, студенти, подобри спортисти, подобри пензионери – подобри граѓани, а потоа ќе бидеме способни сите заедно да си обезбедиме општествен амбиент за подобри политичари.

Претпоставувам ќе се согласиме сите дека се штетни сите зависности како што се пушењето, алкохолизмот, наркоманијата, зависноста од коцкање и игри на среќа, но и зависностите од претерано јадење, претерано спиење, претерано зборување (оговарање), претераната завист и љубомора, претерана лакомост и желба за брзо збогатување, претераната агресивност или пасивност, претераното омаловажување на другите или истакнување и величење на самите себе, на својата професија, политичка партија, лидер и сл. Сите зависности се одраз на помала или поголема несигурност на личноста, која настојува да го ублажи неподносливото чувство на слабост, правејќи штетна компензација на сметка на своето тело и својата психа. Овие несреќно и погрешно избрани недостатоци на почеток се наивни обиди да се проба нешто ново, кое ветува брзо смирување на напнатоста и враќање на изгубениот душевен мир, приближувајќи го сопственото однесување кон престижниот стил во поблиското и подалечно социјално опкружување (друштво, улица, ТВ, филм, интернет, печатени медиуми и сл.).

За жал, со времето, започнатото како мал тест на љубопитност или гест на заедништво и дружење, после продолжува како повеќекратни повторувања, како штетна навика и зависност на која не можеме да í се спротивставиме и малодушно прифаќаме да í робуваме. Колку наши непријатели ни нанесуваат штети во животот? Другите сами си ги нанесуваме.

Отрезнувачки треба да нé разниша мислата на Емерсон кој вели: “Нашите најголеми издатоци – трошоци, одат на сé она што ни овозможува да им бидеме слични на другите, додека на она што сме ние најлични, на нашиот ум и нашето срце не трошиме толку многу”.

Да им објавиме беспоштедна борба на сите наши лоши навики и зависности, на пушењето, но и на алкохолот, и секоја друга штетна неумереност уште денес. Зашто, ако мотивирано го зграпчиме денот, имаме добра шанса да престануваме да седиме пасивно во публика и да излеземе активно на терен да им се спротивставиме силно и бескомпромисно на штетните навики и зависности и да покажеме колку можеме и дали уште нé бидува. Да го прифатиме предизвикот ова лето да избориме една голема победа во борбата со инертниот и закочен дел од нас и да се наградиме со заслужено лично задоволство, поради нешто важно што сме го направиле лично за свое добро, но и да докажеме дека сме посилни и вредиме повеќе. Сето тоа е за подобро здравје, но, пред сé, да си докажеме дека навистина вредиме многу, дека можеме да бидеме подобри и најдобри, кога е најтешко. Секако да бидеме позитивен пример на најблиските и оние кои ни значат најмногу. Треба да се обидуваме секој ден одново и непоколебливо да живееме на таков начин за да можеме да се почитуваме самите себе.

И затоа приоритет треба да ни биде да го направиме добро она што е можно, за себе но и за другите во борбата со своите слабости, за да можеме силно да се почитуваме себе си. Послободни и понезависни стануваме со секој обид да размислуваме трезвено и сталожено, спремни да учиме и подготвени да се подобруваме. Независноста не се освојува само со критикувањето на она со што не се сложуваме, туку со стекнување на знаење да ги препознаеме вистинските вредности и сили и да се избориме за нив.

Топката е фрлена. Нека заиграат оние кои се спремни да почнат со самооткажување наеднаш, сега, денес за поголема самопочит утре…

м-р Д-р Јохан Ѓорѓиоски – психијатар

Loading