АМЕРИКАНСКА ХИМНА ОД ГРЛОТО НА НАША ОПЕРСКА ДИВА

– СО СОНОТ ЗА ПЕЕЊЕ КАКО СЕЛИН ДИОН, ЌЕ МАГИСТРИРА ВО САД

– ТРУД И ОТКАЖУВАЊЕ ОД НЕКОИ ЖИВОТНИ ЗАДОВОЛСТВА ЗА УСПЕХ

Тешката уметничка форма, која ги вклопува пеењето, музиката и актерството – операта, е професија на младата и надежна прилепчанка Оливера Ѓоргоска. Од основно училиште била секогаш присутна на смотрите со композиции. Музичката дарба продлжила да ја надградува во музичкото училиште “Илија Николоски – Луј” во Скопје, отсек соло пеење. Мечтаела и сонувала да биде поп пејачка. Паралелно со образовниот процес, учествувала на музички натпревари и концерти.

– Инспирација ми беше Канаѓанката Селин Дион. Во настапите секогаш се трудев да ја копирам, имитирам и да звучам како неа. Иако ми велеа дека песните се претешки за моја возраст, сепак успевав. Не можам да се сетам на колку настапи и концерти сум била. Почнав на “Мелфест” надвор од конкуренцијата со 13 години. Идната година го освоив првото место. Додека учев средно, настапував четири години со ред на “Макфест”, два пати на “Охрид фест”, на “Канео фестивал”… Учествував на шоуто за таленти “Фешта”. Бев меѓу првите, и почнав да соработувам со луѓето од продукцијата “Република”. Со Врчак, Влатко Лозаноски, Дарко Илиевски и Магдалена Цветковска бев и уште сум добар другар – се сеќава на почетоците на поп и R&B музичката кариера 24 годишната Оливера.

По средното музичко во 2007-ма, логично било да продолжи со студии на Музичката академија. Во класата на професорката Славица Галиќ – Петровска имала многу настапи низ Македонија. Тоа í помогнало да го усоврши талентот и техниката. Сакајќи да продолжи со опера и да учи од еминентни професори, Оливера веднаш по факултетот заминала во Универзитетот во Флорида, САД.

– На Флорида паднаа сите стереотипи за американскиот образовен систем. Се бара многу труд, работа и времето е најскапоцен комодитет. Времето се цени како ништо друго. Немав период на адаптација, зашто од една страна од 14 години сум надвор од дома, а од друга, набиениот распоред не дава умот да размислува за носталгија. Имав стекнато самодоверба, а дружељубивоста и добриот карактер на домаќините и колегите ми олеснија да се чувствувам како дома – кажува Оливера која е категоризирана како глас Спинто Сопрано Лирико.

За да се успее во светот на операта потребен е талент, доста труд и откажување од некои животни задоволства. Спортувањето е битно да се успее да се пее од дијафрагмата. Во диетата најважни се протеините и правилната исхрана. Најдобро е да се јаде два часа пред настап, зашто се случува час или настап да траат и по три саати. 

– Инструментот – гласните жици – треба да се негуваат, зашто се незаменливи. Постојано да се навлажнуваат, да не се оптоваруваат, и да не се променува дадениот фах на глас. Тоа ја уништува и научената техника и ги оштетува гласните жици – објаснува Оливера, додавајќи дека во нејзината професија потребно е сам себе си да си доктор, зашто во мноштвото предмети се изучува и анатомија на вратот.

Ѓоргоска во САД, и учи, и предава како асистент на факултетот. Мутациите на гласот од пубертетот се зад неа, и сега без проблем ги изведува оперските настапи, за кои е потребно познавање на италијански, германски, француски и англиски јазик.

– Го колоризирам гласот Сопрано. Со настапите се усовршувам со актерските способности, потребни за опера. Можам одлично да ги изведувам улогите на Јулија од “Ромео и Јулија”, Мизета од “Ла Боем”, и Џудита од истоимената опера – вели младата идна оперска пеачка.

Кажува дека домаќините í понудиле да отвори фудбалско игралиште со изведба на американската химна.

– Многу им значи химната на Американците. Дадов сé од себе да ја отпеам како што треба. Громогласните аплаузи беа доказ дека сум успеала во одговорната задача и чест што ми ја пружија – вели Оливера на која í недостига уште еден семестар од магистерските студии.

По магистрирањето посакува да докторира, а после ќе í остане да се двоуми дали ќе продолжи како професор или како оперски изведувач.

Loading