ВКУС БЕЗ НИКОТИНСКИ ЧАД

ВО ИМЕ НА САМОКОНТРОЛИРАЊЕТО

“НЕМА ПОГОЛЕМА ВЛАСТ ОД ОНАА НАД САМИТЕ СЕБЕ И НАД СВОИТЕ СЛАБОСТИ” – ГРАЦИАН

Да победуваме во животот, потребно е порано да ги препознаеме најсигурните патишта до успехот. Едниот води преку стекнување се поголеми знаења а другиот преку целосна посветеност во работата, сеедно колку е “проста” или “комплицирана”. Првиот пат води кон освојување знаење кое ги осветлува сите аспекти на нашето живеење,  а вториот, не помалку значаен, покажува како со темелна ангажираност да го направиме навистина добро она што го работиме (ако копаме дупка да ја ископаме како што треба).

За да бидеме добри борци, спремни победнички да влегуваме во секакви, па и најголеми битки, неопходно е да имаме војувано во најтешката војна – војната со себе си. Таа борба бара максимална храброст, одлучност, искреност и пожртвуваност за да успееме да се победиме себе си. Низ битката со себе, неизбежно ќе согледаме дека патот кон највисоките врвови и најголемите успеси, како и патот до мирен и спокоен живот водат преку забележување и совладување на своите слабости. Она што обично го мислиме и чувствуваме и она што го правиме, водени од секојдневните навики, делува, на одреден начин, на здравјето. Со прифаќање на неколку основни правила, ќе го совладаме стравот од зголемување на телесната тежина, што е голема пречка кога решаваме да престанеме со пушењето.

Непосредно по оставање на цигарите забележуваме две работи:

1. Метаболизмот се подобрува, што значи телото сосема ја искористува храната што ја прима. 

2. Храната станува повкусна. Сетилото за вкус, затруено од долготрајното делување на никотинот пак проработува освежено и така, чувствувајќи се подобро, потребата за јадење ќе биде зголемена во споредба со претходно. Долгогодишната навика постојано да се има цигара во устата доведува до искушение почесто да се поткаснува и да се јаде и меѓу оброците. Кога ќе го сфатите ова, се  усвојуваат нови правила кои ќе овозможуваат добро здравје и долг живот.

За успешност во одвикнувањето, се земаат во предвид осум здравствени совети:

1. Земајте нормален оброк.

2. Не јадете ништо меѓу оброците.

3. Тргнете ги од вашето мени јадењата со непотребни и одвишни калории:

А) Земајте што помалку маснотии (масло, маргарин, путер, зачини за салата).

Б) Избегнувајте јадења кои содржат многу шеќер (сладолед, слатки, џемови и желеа), како и засладени житни каши, овошни сокови и безалкохолни пијалоци. Јадете свежо, а не конзервирано овошје.

В) Земете неизлупени житарици, кафеав ориз, црн леб. За појадок земајте варени, а не сушени житарици.

Г) Не пијте алкохолни пијалоци.

4. Намалете ја потрошувачката на масти од животинско потекло.

А) Не јадете месо (со исклучок на риба).

Б) Избегнувајте млечни масти.

В) Внимателно избирајте ги намазите за леб и користете ги помалку. Земајте путер од кикиритки, наместо обичен путер и маргарин.

Г) Избегнувајте пржена храна со многу масти и шеќери.

Д) Изедете најмногу 3 јајца дневно.

5. Навечер воопшто да не јадете или да земете овошје во мали количини.

6. Умерено и редовно практикувајте телесни вежби.

7. Одмарајте се на свеж воздух и сонце, пијте обична вода.

8. Одете редовно на лекарски прегледи.

Водете “непушачки дневник”.

Од првиот ден кога ќе престанете со пушењето, запишувајте во кој дел од денот и во кои (ризични) ситуации чувствувате голема желба за цигара или за некој вид храна, за да стекнете подобар увид во своите навики и внатрешни притисоци кои ве заслабнуваат и спрепнуваат во вашата намера да продолжите што подалеку во двобојот со себе и со својата никотинска зависност. На пример, при возење, при подолг телефонски разговор, кога работите нешто понапорно и посложено на работното место, кога одмарате дома или се расправате со некого или се нервирате за нешто… Поконкретно ќе одредите што ве нервира “вади од колосек”, а кога тоа ќе го прецизирате, ќе бидете подготвени полесно и посигурно да се спротивставите на ризичните ситуации, и да возите безбедно во секојдневните животни релации, на работа и дома “за да не излетате на првата поостра кривина”. Постојат сериозни и опасни фактори на искушение – опасни точки на патот на одвикнување од зависноста, кои, ако ги обележиме и уважуваме, полесно и побезбедно ќе ги поминуваме.

После доброто јадење, особено ако е дополнето со добро пиење, се јавува желба да се запали цигара или барем да се касне нешто слатко. За да  избегнете, веднаш станете од масата и најдете некоја занимација, работен ангажман или едноставно прошетајте малку и останете надвор барем половина час. Не заборавајте, кога ја започнувате борбата со цигарите (особено првите 1-2 недели), и алкохолот ви е голем непријател. При возбуда, разочараност, тага или кога едноставно ќе се напиеме малку повеќе, се јавува тешко совладлива потреба да запалиме барем една цигара. Тогаш треба да го запалиме црвеното светло на внатрешниот семафор, дополнително да се затегнеме и мобилизираме за да можеме успешно да го совладаме искушението. Постојат многу опасни персонални поводи кои можат изненадно да ја предизвикаат навиката кон пушењето. Отстранете ги пепеларите од дневната соба да не изненади потребата од цигара, додека гледате ТВ, како и бројни други нешта кои носат опасност да нé  намамат да запалите цигара.        

м-р Д-р Јохан Ѓорѓиоски психијатар

Loading