ВОДА ПРОТИВ ЦИГАРИ

ВО ИМЕ НА САМОСПОЗНАВАЊЕТО

Кога си сам, мисли на своите недостатоци, кога си во друштво, заборави на туѓите. Така ќе бидеш поблаг при соочување со мааните на другите, посилен во справување со своите, и сé подобар во животот. – Kинеска мисла

 

Убаво е да водите сметка што пиете и во која количина. Избегнувајте да пиете алкохолни пијалоци, па и чај, кафе, кока кола, и други слични пијалоци, како и било какви надразнувачки средства, за побрзо да обезбедите послободен и порелаксиран нервен систем при одвикнувањето од пушењето. Треба да пиете млеко, јогурт, сокови од овошје и особено од зеленчук (морков, цвекло, целер и др.) Поврзаноста на кафето и цигарите е дел од навиките и еден вид секојдневна рутина при која едното го повлекува другото (за да биде задоволството цело и комплетно), а покрај тоа кофеинот од кафето ги надразнува нервите. Во овој период не е потребна дополнителна нервна напнатост и треба строго да внимавате да останете смирени.

Значаен непријател на волјата е алкохолот. Секој вид алкохолот делува на најважните мозочни центри, каде се носат рационални одлуки, влијае на силината на волјата и на стабилното и контролирано однесување. Затоа на алкохолот треба да гледаме не како на привремен сојузник, напротив како на непријател кој дополнително ја заслабнува позицијата, кога сме во војна со зависноста од цигари.

Речиси во секоја група на луѓе кои настојуваат да ја победат навиката за пушење, наоѓаме многу лица кои одлично напредуваат до едно судбоносно одење на некоја свадба, слава, роденденска или друг вид на забава, или некој помалку пријатен настан. Така претходно решени да се држат за една чаша пијалок, некои стари пријатели при дружењето ќе ги наведат сосема спонтано да наздрават во име на добрите стари времиња. Малку подоцна изненадно ќе забележат дека испушиле половина кутија цигари и се чувствуваат целосно збунети и воопшто не им е јасно што ја разбило нивната волја на парчиња…

Не јадете тешка и многу зачинета храна. Лесно е да препознаете човек кој пуши многу. Неговата храна е многу зачинета. Страстниот пушач употребува многу силни зачини, оти тутунот го умртвува сетилото за вкус и затоа му е потребна големо количество зачини да ги “поткрене” своите умртвени сетила. Ако тој наеднаш престане да пуши, сетилото за вкус почнува да се буди од долготрајната наркоза и вкусот на јадењата почнува да му станува се поизвонреден. Од тие причини се наметнува можноста за самосовладување на уште едно поле кое дополнително ќе ја зацврстува волјата во целост. Затоа првите 5 дена не претерувајте со зачините и не употребувајте премногу сенф, црн бибер, рен и други силни зачини.

Употребувајте што помалку шеќер. Во белиот шеќер нема ниту калциум, ниту фосфор, ни железо, ни витамин А, ни витамин Б. А, на телото му е неопходен витамин Б да се регулира и метаболизира шеќерот во крвта. Секогаш кога земате преголема количина на шеќер, резервите на витаминот Б, кој е важен за одржување на животните функции, постојано се троши со метаболизирање на шеќерот и затоа не е ништо чудно што станувате понервозни и понапнати. Во првите 5 дена додека се разделувате со навиката за пушење, оставете ги настрана мрсните слатки со големо количество на шеќер. На тој начин ќе им овозможите на вашите нерви полесно да ја надминат бурата што доаѓа.

Можете секојдневно да јадете било какво овошје, зрнест и зелен зеленчук и ореви. Јадете редовно свежо овошје, но не земајте овошје и зеленчук заедно во  еден ист оброк. Меѓу оброците не јадете ништо да не ја зголемувате дополнително телесна тежина. Првите денови ќе пиете многу течности. Веројатно ќе добиете и некој килограм повеќе. Но тоа да не ве плаши, зашто водата е неопходна да се ослободи организамот од никотинот. Прекумерната тежина е важен проблем, од кој не треба да се загрижувате и кој ќе го решите уште првите 5 дена, многу поуспешно, отколку што помислувате. Волјата постојано се засилува и со нејзина помош успешно ќе избегнувате да го јадете и пиете она што штети. Тоа ќе биде силно оружје во борбата против зголемената тежина. Повеќе луѓе лесно ја контролираат тежината, отколку навиката за пушење. Затоа бидете одлучни и храбри.

Потребни се дополнителни витамини од групата Б, кои ќе им помогнат на нервите да го издржат недостатокот од никотин. Земајте со секој оброк по 1-2 кафени лажици пченични снегулки или по 1-2 таблети Б- комплекс.

ССРИ лековите го подобруваат расположението, ја зацврстуваат волјата и ја намалуваат напнатоста и немирот кои се чести придружници при соочувањето и справувувањето со било која зависност, па и со зависноста од никотин, односно навиката од пушење. За некого можат да бидат вистински сојузник во градење на успешна приказна при справување со навиката за пушење цигари.

Сите имаат скриени сили, резерви, за кои не се свесни и кои, за жал, во најголем дел, остануваат заспани и неискористени во животот. Во секојдневното живеење и функционирање во главно се потпираме само на 20 насто од менталните капацитети. Останатиот дел најчесто е неоткриен и неискористен. Основниот природен закон гласи – “Силата се развива со напрегањето”. Тој закон важи за мускулите, за силата на волјата, за упорноста и издржливоста. Успешните ангажмани ја зголемуваат самодовербата и создаваат чувство на победник, додека неактивноста создава состојба на несигурност и условува губитничка позиција. Обидете се да проверите.

Кога ќе ве обземе нагон за пушење првите неколку денови од воздржувањето, застанете каде и да се наоѓате и одлучно и решителено речете си: “Повеќе нема да пушам”. Потоа испијте неколку голтки вода и вдишете длабоко и спокојно. Ќе забележите по неколку минути дека желбата се намалува и дека туку што сте поминале една криза. Само почитувајте ја наведената програма одговорно секој ден и ќе се почувствувате забележително подобро, на моменти ќе помислите дека никогаш не сте се чувствувале толку добро. Ќе бидете во состојба сé посигурно и поуспешно да се соочувате со искушенија од било каква природа, бидејќи ќе го имате силното чувство дека сé повеќе управувате со својот живот. Кога ќе биде најтешко, помислете дека само треба да стегнете заби, да си кажите самите себе дека сте цврсто решени да бидите победници колку и да е тешка и долга борбата со самите себе и дека секое попуштање е предавање и признавање дека се помирувате со губитничка улога во својот живот. Бидете сигурни дека секоја добиена битка го прави човекот посилен и сигурно многу поблиску до конечната победа со себе и со зависноста.

Loading