ВО ПРЕСТОЛНИНАТА НА ПИВОТО

ВО ПРЕСТОЛНИНАТА НА ПИВОТО

Фестивалот на пивото што ќе трае до недела се отвори со македонски евергрини на Маја Оџаклиевска, Зафир Хаџиманов, Драган Мијалкоски, Дани Димитровска и Вера Јанковиќ. Забавата доживеа еуфорични димензии со настапот на хрватското дуо Ту Челос.

Градот на потомците на Крали Марко живее во тактот на пивото. Триесетина пиварници и нивни угостителски придружници со специјалитети на жар го “послаа” градот со гурмански предизвици за слава на пивото. Додека се празнува со слатко горчливиот вкус, градоначалникот Марјан Ристески изјави дека градот го создал Пивофестот, еден од најголемите фестивали на Балканот, заедно со Гуча и Егзит. Се очекуваат околу половина милион луѓе да се предадат четири дена на пивската страст со малигани.

– Прилеп е и град на археолошки локалитети, музеи, манастири, цркви, галерии. Добро да се оддели малку време и да се запознае градот и од друг агол со туристичкиот воз или со пивскиот велосипед. Доаѓаат повеќе политичари да бидат дел од пивската фешта, како и дипломатскиот кор. Градот е окупиран од сонародници од Европа, Америка и Австралија, кои одморот го користат во земјава. Очекуваме гости од соседните земји. Паркинг службите ќе функционираат беспрекорно, недостигот на сместувачки капацитети може да се замени со бесплатен камп на Паркот на револуцијата, а железницата и превозничките фирми насочија повеќе возови и автобуси за Прилеп. На располагање се десетина момчиња и девојки, облечени во соодветна облека кои ќе ги информираат гостите – рече Ристески.       

Loading