УНИВЕРЗИТЕТ ПО МЕРКА НА БРУЦОШИТЕ

ОБЈАВЕНИ КОНКУРСИТЕ ЗА ТРИТЕ ЦИКЛУСИ СТУДИИ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ “СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ” – БИТОЛА

Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола во пресрет на новата уписна кампања отвори нови и ги осовремени постоечките студиски програми, пристапи кон нивно редизајнирање и реструктуирање, по што ги објави Конкурсите за прв, втор и  трет циклус на студии.

На додипломски студии на УКЛО според Конкурсот, може да се запишат 4160 студенти од кои 2520 редовни, 1110 со кофинансирање и 530 вонредни.

На првиот циклус академски студии, УКЛО нуди седум нови студиски програми: Сообраќајно – транспортна телематика и Сообраќајно – транспортни системи и технологии на Техничкиот факултет; Иновациски и проектен менаџмент на Економскиот факултет; студиската програма Менаџмент во услужен сектор на Факултетот за туризам и угостителство; Квалитет и безбедност на храна на Биотехничкиот факултет; како и студиските програми Безбедност и Криминологија и криминална политика на Факултетот за безбедност.

Во духот на обезбедувањето и стимулирањето на потребниот квалитет на секоја единица на УКЛО, најдобро рангираниот студент се ослободува од плаќање на трошоците за студирање (што всушност претставува стипендија). Во новата академска 2013/2014 година УКЛО го продолжува Проектот 35/45 на Владата за стекнување на високо образование за возрасни. Оваа дополнителна можност ќе се остварува на 80 места на Техничкиот факултет и Високата медицинска школа.

За идните магистранти, заедно со новите студиски програми, УКЛО нуди 68 универзитетски студии и 16 специјалистички, со вкупно 1713 места, при што, пет проценти од најдобро рангираните запишани студенти ќе бидат ослободени од плаќање на кофинансирањето. Распишан е и Конкурсот за атрактивните МБА студии кои Франклин Универзитетот од Охајо, САД ги остварува со УКЛО.

Во новата академска година за докторските студии, Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола нуди 127 места на 17 актуелни студиски програми,  адаптирани на барањата на новото време. УКЛО ја нуди можноста за студирање на англиски јазик на одредени студиски програми во сите три циклуси на студирање.

Уписната кампања на Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола за трите циклуси на студирање стартува на 15. август 2013 година и ќе се реализира во три уписни рока.

СТИПЕНДИИ ЗА ФРАНКЛИН УНИВЕРЗИТЕТОТ

Министерството за образование и наука вторпат ќе додели стипендии за втор циклус академски студии на бизнис администрација на Франклин универзитетот од Охајо, а кои се реализираат на англиски јазик, со реномирани професори од Америка, на Економскиот факултет во Прилеп.

Ќе бидат доделени 15 стипендии, од кои 5 се целосни од 5.000 евра, а 10 стипендии по 50 насто од школарина за академската 2013/2014 година.

– Студентите ќе бидат обучувани од професори со искуство во реалниот сектор. Студиите траат 22 месеци, се изучуваат 10 предмети, а наставата се одвива он-лајн и преку класични предавања. Кандидатите добиваат американска диплома (Master of business administration) од Франклин Универзитетот – објаснува Никола Димески, директорот на МБА студиите на подружницата на Франклин универзитетот во Охајо.

Рокот за пријавување е до 1 октомври.

Лани Владата додели пет стипендии.

Loading