СО КОМПАС ВО ТРКА СО ДУХ

ОРИЕНТАЦИЈА

– ПРАКТИЧЕН, УМСТВЕН И ФИЗИЧКИ ЗДРАВ СПОРТ

Ориентација е необично хоби на студентот на Економскиот факултет во Прилеп, Марко Иваноски. На 20 годишна возраст кажува дека со оваа интересна спортска дисциплина се запознал на 12 години.

– Ориентација е спорт, во кој се стартува со карта, компас и уред за “чекирање” (означување) на точките. Суштината е да се стартува, да се пронајдат сите означени места (точки) на картата и да се финишира што е можно побрзо – во кратки црти го објаснува спортот Марко, додавајќи дека се обидел во повеќе спортови, но се “пронашол” во ориентацијата.

Основачи на ориентацијата се Финците. Прво го користеле за армиски цели, бидејќи војниците многу добро се снаоѓале во мноштвото шуми и безброј езера со методите на ориентација. Во 1876 година се официјализира како спорт со натпреварувачки карактер.

– Спортот ми се допаѓа, зашто резултатите се индивидуални. Има возбуда и адреналин во движењата. Се покачуваат хормоните, додека натпреварувачот треба остане смирен и да не ги губи нервите. Противникот не се гледа, зашто секој почнува во различно време. Како да се тркаш против дух, или да се трудиш да се победиш самиот – кажува Марко, кој четврта година е репрезентативец на Македонија.

Топографската карта, користена во ориентацијата е обележана со старт, точки кои натпреварувачот мора да ги “чекира” редоследно и финиш. Потребите за опрема се минимални, погодна облека, добри патики, карта, компас и уредот SI (за “чекирање” на точките). Има три типови на ориентација – кратка (спринт), долга 2, 5 км., средна, до 8 км., и долга до 20 километри. Соодветни се и размерите на картите. Тие се со изохипси – линии, кои ја покажуваат висинската разлика и му помагаат на тркачот да се снајде во природата. Спринтот се практикува во урбани средини, а за показни знаци се користат објекти, додека за средна и долга трка треба поголем шумски или планински терен, каде за помош се користи вегетацијата.   

– Нормативите и возрасните категории се менуваат секоја година, од Светската ориентациона федерација со седиште во Осло, Финска. Преку интернет страница ги следам светските случувања и се запознавам со новините. Финска предлага овој спорт да стане олимписки уште на следната олимпијада во Рио де Женеиро, Бразил. Доколку успеам пак да се квалификувам за репрезентативец, можно е да учествувам таму – вели Марко, додавајќи дека голем дел од членството на ориентациони натпреварувачи, 80, од вкупно 250, се од Прилеп.

За постојано да се усовршува, Марко тренира петпати неделно, од кои четири се кондициони, а еден е теоретски тренинг за подобро совладување или читање на картата. Во една седмица истрчува 55 километри. Еден метод за подготовка е трчањето и читањето едновремено. Така менталниот дел (читањето) се вклопува во физичкиот (трчањето).

– Овој метод е вежбање за да може натпреварувачот да трча и да ја чита картата, без да го загуби времето. Професионалните натпреварувачи така стигнуваат до целта. Тоа и мене ми е стремеж. За успех е потребно да се менуваат локациите. Зашто, ако се повторува една, се учат напамет препознатливите знаци, и сé се сведува на обично трчање – вели Марко, напомнувајќи дека овој е еден од ретките спортови, каде никогаш немало допинг.

Оваа спортска дисциплина е безбедна и корисна за сите возрасти. Местата на кои се натпреварува или се тренира се ограничени и не е можно да се загуби ни најмало дете. Како што првачињата ја учат прво азбуката, така натпреварувачите во ориентација прво учат совладување на читање на карти. Ако натпреварувач се најде во непозната средина, знае како да се врати на претходната точка или на стартот. Може и да продолжи до обележаниот финиш, но со задоцнување во временската граница.

– Од многуте позитивни аспекти, би ги издвоил здравствениот, еколошкиот и друштвениот. Се трча во природа, се развива мозокот преку барањето на точките на картата и дружењето пред и по натпреварите. Деца од 9-10 години можат да почнат со тренинзи, а горната возрасна граница е поставена индивидуално од натпреварувачот – заврши Марко со надеж дека овој атрактивен спорт ќе добие поголема афирмација и популарност, зашто придобивките го менуваат спортистот во човек, способен за снаоѓање каде и да е.       

Loading