“ЛУШПА ОД КРОМИД” МЕЃУ БИБЛИЈАТА И КОРАНОТ

РАМАЗАН КАЈ ПРИЛЕПЧАНИТЕ АРИФИ

– ВЕРАТА Е ПОЧИТУВАЊЕ НА СИТЕ РЕЛИГИСКИ ОРИЕНТАЦИИ

– ПО ЕДЕН МЕСЕЦ АРИФИ ЌЕ ЧЕКААТ И ГОСТИ ХРИСТИЈАНИ НА ЧЕСТЕЊЕ НА ПРАЗНИКОТ ДОМА СО БАКЛАВА, ТУЛУМБИ…

Преку милијарда муслимани неделава го очекуваат појавувањето на младата месечина која го најавува светиот месец Рамазан. Веруваат дека Алах, преку ангелот Џибраел, му го предал светото писмо – Коранот, на пророкот Мухамед, да ја шири верата. Месецот е еден од петте столба на Исламот, и има големо значење за муслиманите.

Прилепското семејството Арифи е едно од малкуте во градов кои го чествуваат овој празник. Пред повеќе од седум децении се населени во Прилеп од Гора – област меѓу Косово, Албанија и Македонија. Глава на семејството е Сељам, кој работел во слаткарницата “Шар”, а негова била и слаткарницата “Авала” во автобуската станица. Тој го продолжил дедовиот занает. Сега му го предава на син му Шехриза, познат во чаршијата како Шеки кој со количка продава вкусни тулумби.

– За време на Рамазан, забрането е да се јаде или пие преку ден. Од изгрејсонце до зајдисонце живееме само со воздух. Голем харам (грев) е доколку не се почитува ова правило, пишано во Коранот. Исклучок се болните, патниците, бремените жени и децата. Телесниот пост е само дел од почитувањето на светиот месец. Поважен е духовниот пост, самопреиспитувањето, дарежливоста кон сиромашните и воздржувањето од лоши зборови и мисли – објаснува Сељам.

Во верските обреди за Рамазан е молењето петпати дневно. Немањето на верски храм, џамија, не е пречка за клањањето кон Алах.

– Молитва може да се изведе секаде. Важно е верникот да е насочен кон сонцето кога се моли и да чита делови од Коранот – кажува Сунада, сопругата на Шехриза, која се грижи за децата, шестгодишниот Салим и двегодишната Суада.

За верниците од исламска вероисповед поголема важност има петочната молитва (Џума), па затоа Арифи одат во најблиското место со џамија да се молат во присуство на оџа. Најчесто во селото Лажани.

– Деветтиот месец по муслиманскиот календар се поместува секоја година за 10 дена наназад. Така се случува да го чествуваме во секое годишно време. Обичај е да се канат гости на вечера – Ифтар, по зајдисонце – вели Сељам.

Коранот има доста сличности со Библијата. Кај христијаните ангелот Џибраел се нарекува Габриел, Адем е Адам, а синот Божји – Исус се споменува како пророкот Иса во Коранот. Човековите морални вредности се истакнуваат во двете свети писма – не кради, не убивај, не посакувај туѓо…

Според Арифи, разликата меѓу Коранот и Библијата е колку лушпа од кромид.

– По Коранот, должност на секој муслиман е барем еднаш во животот да појде на аџилак во Мека. Прво треба финансиски да се обезбеди фамилијата за времето на патот, кога ќе остане одредено време без столбот на домот, без машка глава. Кај нас тоа го прават постарите од над 65 години. Милиони луѓе се собираат таму за вршење на многу ритуали, меѓу кои е посетата на црниот камен во форма на коцка (Каба) и симболичното каменување на ѓаволот – односно фрлање на 49 камчиња на три ѕидови во близина на Мека. Со толку многу народ, неизбежни се инциденти. Се случува луѓето да се прегазат во човечко стампедо и да умрат. Муслиманите што починале таму, се закопуваат на гробишта во Мека, што се сметаат за свето место – го појаснува аџилакот Шехриза, кој заедно со татко му се надеваат дека еден ден и тие ќе го посетат светото муслиманско место.

Крајот на Рамазан се прославува со трите дена на Рамазан Бајрам, кога се пречекуваат гости со вкусни тулумби, баклава, алва и рамазанско месо, симболично завршувајќи го едномесечниот пост.

Семејството Арифи живее во хармонија со соседите христијани. Сељам вели дека тие одат за Велигден и Божик кај христијаните, а ги пречекуваат за Рамазан Бајрам и Курбан Бајрам.

– Верата е индивидуална, лична определба, која нé насочува кон подобрување на начинот на живот и почитување на сите – завршува Сељам.

ПЕТТЕ СТОЛБА НА ИСЛАМОТ

Постењето за време на деветтиот месец по муслиманскиот календар – Рамазан е само еден од столбовите на Исламот. Закат – давањето на милостина на посиромашните, Салат – молитвите кон Алах, признавањето на Алах како единствен Бог, и одењето на аџилак се останатите столба, кои секој муслиман треба да ги почитува кога ќе дојде времето душата да му замине во Џана (исламски рај).

Loading