ПРОШЕТКА ЗА КИСЛОРОД

ВО ИМЕ НА САМОПОСМАТРАЊЕТО

Скоро секогаш кога ќе погледнеме во себе, најдуваме грешка, која ја осудуваме кај другите. А, ако и не ја погледаме подлабоко, ќе најдеме уште полоша. Толстој

Многумина би сакале другите да ни завидуваат, поради нашите доблести и постигнувања, но, напротив, луѓето најчесто нé жалат поради нашите маани и ограничувања. Само слабите луѓе се пасивно помирени и “задоволни” со својата судбина, одбивајќи активно да се соочат со себе и со околниот свет и да ги променат сите нешта кои можат да се подобрат. Вистински слободен, без ропска врзаност за било каква зависност е само оној кој прифатил да мисли со своја глава, кој има свое ЈАС и свесно го одбира она што е за него моментно и долгорочно добар избор, и свое НЕ за сите работи кои не му одговараат, сеедно колку се привлечни и прифатливи за другите. 

Водата (течноста) значи живот. Таа ни отвара пат за спас од зависноста од никотин. Покрај пиењето на големи количини вода (течност), од 2-3 литри секој ден, добро е да се практикува и туширање по два-трипати секој ден, кое на почеток може да биде со потопла вода, а потоа постепено со сé посвежа и постудена. Заедно со туширањето корисно е да се практикува масажа и триење на кожата при капењето.

Помога и триењето со студена ракавица за капење. Тое е позната метода во гимнастиката и се препорачува за тоа што со масажата се прошируваат крвните садови на кожата, се подобрува протокот на крв, се опуштаат нервите, и се создава чувство на опуштеност и пријатност. Станете наутро неколку минути порано од обично. Добро накиснете ја ткаенината за триење, потоа внимателно исцедете ја и започнете цврсто да ги триете рацете до рамото додека кожата не добие црвеникава боја. Продолжете упорно со триење додека не излезе саканата црвена боја, која покажува дека се подобрила циркулацијата на периферните крвни садови. Некогаш е потребно подолго триење да се постигне црвената боја на кожата, што покажува дека површните крвни садови тешко се прошируваат, поради дејството на наталожениот катран од никотинот. Ова триење со поостра ракавица се повторува и наредното утро и се забележува дека површните крвни садови побрзо се прошируваат. Секое наредно утро употребувајте постепено сé постудена вода за да постигнете поголем ефект. Првото утро тријте ги левата и десната рака, потоа второто утро двете раце и градниот кош, третото утро двете нозе, четвртото утро двете нозе и стомакот, па петтото утро грбот, вратот и лицето, од шесттото утро рацете, нозете и целото тело.

Препорачлива е физичка активност и шетање секој ден по 30 мин. до еден час, а за викенд подолга прошетка со неколку часовно пешачење, одмарање и релаксирање. Пожелно е шетањето да биде во природа, по можност во еден од градските паркови, а уште подобро е ако имаме повеќе слободно време, да излеземе од градот и да посетиме некој од нашите блиски манастири: Св. Архангел Михаил во Варош, Св. Димитрија до селото Селце и над селото Прилепец, Св. Ѓорѓија над Езеро, Св. Никола во селото Манастир, Св. Спас под Крушево, Св. Богородица – Трескавец и т.н. До некои од овие убави места за одмор и релаксација се стигнува со пешачење, со велосипед, а дел од патот може да се скуси и со моторно возило. Овие активни прошетки ќе овозможат полнење на енергетските и духовни батерии и ќе помогнат за зајакнување на волјата, зголемување на упорноста и истрајноста, што помогаат при напорна и тешка борба со зависноста. На сите овие места има убава изворска вода која можете да ја пиете во поголеми количества, а можете и да си понесете неколку литри свежина од природата за дома.

Важен е правилен дневно – ноќен ритам со редовно земање на храна и добар одмор – добар ноќен сон. Многу е важно добро да се одмарате,  особено првите пет дена. Планирајте порано да си легнувате (нема да ви штети ако спиете осум часа) и редовно земајте ги оброците. Дајте им на нервите добар одмор, зашто секој вид на умор е непријател на вашата волја. Долгата будност покрај ТВ до завршување на програмата, го исцрпува телото и умот и му го одзема неопходниот одмор па наутро се јавува мамурлак, тешко се станува од кревет и напнатите нерви бараат цигара. Луѓето со таков несреден животен ритам не можат да обезбедат цврста волја и доволно неопходна сила за било каков вид на борба, особено не за борба против пушењето.

Потсетуваме дека е многу важно да се направи добар план, кој ќе овозможи доволно квалитетен и окрепнувачки ноќен сон, особено во текот на првите пет дена. Добриот одмор е важен, без разлика дали вашиот замор произлегува од недостаток на соодветен одмор или од преголема преокупираност со работата и другите животни потешкотии. Веднаш по завршување со јадењето станете од маса и излезете надвор, шетајте 15-30 минути и за тоа време длабоко дишете. Никако не седете после јадењето, зашто тоа е особено ризичен период кога посакувате цигара. Од тие причини брзо одете надвор. Станете и започнете го своето хоби доколку го имате (прошетка со куче, работа во бавчата, средување на цвеќињата, прскање на дворот или едноставно одете на прошетка. Убаво е да му помогнете на партнерот околу домашните обврски, средете ја масата, измијте ги садовите… Без разлика што ќе правите, само не седете по јадењето. По секој оброк одете задолжително на прошетка. Мозочните клетки трошат петпати поголема количина кислород од останатите делови на телото заедно. По јадењето се пренасочува поголем дел од крвотокот во органите за варење и се намалува во другите делови од телото и мозокот, што доведува до ослабување на мозочните функции. Од тие причини, намаленото количество кислород, кое го добива мозокот после јадењето, може да се надокнади и збогати со излегување и прошетка на отворен простор. На тој начин нема да дозволиме да дојде до заслабнување на нашата волја, која трпи опаѓање после јадењето, зашто ни е потребна поголема сила на волјата да се спротивставиме на навиката за пушење, која е особено силна по јадење. Медицинските истражувања покажуваат дека предните делови од мозокот се поврзани со разумот и мислењето и имаат постојана потреба од големи количини кислород. Недостигот на кислород многу силно делува на тие делови од мозокот. Од тие причини, во текот на наредните неколку денови, кога силната волја и смирените нерви ќе ви бидат неопходни, излезете, особено после секој оброк, да го обезбедите неопходно потребното количество кислород.

м-р. Д-р Јохан Ѓорѓиоски

психијатар

Loading