УНИВЕРЗАЛЕН МАЈСТОР Е ПАНЧО

По завршувањето на обврските на водач во погонот за чоколада во третата смена во Витаминка, 33 годишниот Панчо Блажески – Мангоски легнува неколку часа да се одмори, зашто, потоа цел ден се предава на неговата пасија, да биде мајстор за сé.  Така до стемнување, кога пак малку се одмора за да продолжи кај чоколадата.

Најмногу му лежи високата струја.

– Поставувам електроинсталации. Ме бива и за водоинсталатерски работи. И тоа не од сега, туку од пред 15 години. За струјата сум и образовно поткован затоа што сум електротехничар, енергетичар. Често го земам и швајс апаратот да заварувам метали. Некогаш и поправам автомобили, а не ретко сум со алатите за редење плочки. Сум правел куќи, сум ѕидал, шалувал, малтарисувал. Последен марифет што успеав да го совладам е изолација на фасади. Веќе поставив стиропор на една фасада на куќа на Рид, а потоа измалтарив со абрихт. Комшиите веднаш потоа ме ангажираа да ги спасам од горештина и студ со фасадирање и термоизолирање и на нивниот немалтарен дом – вели Блажески – Мангоски, кој 12 години одговара совесно и максимално на работните задачи во Витаминка.

Панчо е вешт мајстор. Природата го надарила со талент за многу занаети. Открива дека и генот му е таков. Умешното универзално совладување на мајсториите на занаетот се должат на наследството од татко му, кој бил бравар, но го образувал и за струја. Вели дека сé му оди од рака, оти му фаќа умот. Еднаш да види како се тера занаетот, наеднаш го совладува. Зиме е мајстор на апарати за домаќинство. Поправа печки, бојлери, пегли, шпорети…

Не пробал да поставува гипскартонски плочи. Според него, ако проба, очекува да биде близу до мајсторите со подебело искуство. Признава дека не чепка во хардвери на компјутери, а за отсранување на дефекти на електронските апарати, смета дека со мала обука не ќе му биде тешко да ги сервисира. 

Loading