ТУШ ПРОТИВ ПУШЕЊЕ

ВО ИМЕ НА САМОКРИТИЧНОСТА

ЗА ДА МОЖЕ САМИОТ СЕБЕ ДА СЕ ПОПРАВИ, ЧОВЕКОТ МОРА ДА ПРИЗНАЕ ДЕКА НЕ Е ДОБАР, НО ТОА НИКОЈ НЕ САКА ДА ГО НАПРАВИ – ТОЛСТОЈ

Смислата на нашето живеење е во спремноста да учиме и наученото да го применуваме и на тој начин се подобруваме и унапредуваме како себе си лично, така и нашите најблиски, па и подалечни. Без темелно знаење нема долгорочен квалитет и успех во нашите ангажмани. Знаењето помага и да го подобриме секојдневното живеење, да обезбедиме подобра егзистенција, поквалитетно здравје, поголемо разбирање, вистинска љубов и взаемна толеранција. Самокритичноста е значаен услов за заменување на претходното нецеловито и површно знаење со ново, потемелно и поиздржано знаење. Ако сме подготвени за промени и усвојување нови знаења, спремни сме за одговорно и самокритично да влеземе во борба со себе си и да ја ставиме на тест нашата волја.

Да се обидиме од ненамислено и без многу планови да направиме нешто добро, решително и дрско, да í фрлиме ракавица во лице на зависноста од никотин и да ја предизвикаме на двобој, па да видеме дали ќе не порази нашата слабост и малодушност или ќе победиме со нашата одлучност и истрајност.

Пушењето влијае штетно врз функциите на сите органи од телото и секоја испушена цигара доведува до дополнително уништување мозокот, срцето, крвните садови, белите дробови и т.н. Затоа најдобро е веднаш да ги отфрлиме цигарите и да прекиниме со пушењето. Планот содржи едноставни упатства на кои треба да се придржуваме 5 дена. После тоа можно е да прифатиме дека животот без цигари е многу поубав, зашто со победата над оваа навика, добиваме подолг живот, подобро здравје, поголема животна сила и помалку лекување. Ослободувањето од пушењето се прави плански, а најдобар начин за оставањето на цигарите е одеднаш. Подобро се преживуваат неколку тешки денови, отколку со развлекување, со недели и месеци. Ако наеднаш престанеме да пушиме, ќе ја совладаме навиката побрзо, отколку што мислиме. Пет дена се прифатливи да се проба активно и брзо да се ослободиме од долготрајната штетна страст. Најтешки се првите три дена, а на крајот од петтиот ден кај повеќемина се намалува желбата за пушење или исчезнува. Со издржувањето  десет дена, може да се констатира успех.

1. Важно е да си сугерираме и да си кажуваме самите себе си: “Одлучив да не пушам”! Да ја повторуваме во мислите одлуката цел ден, од станување до легнување, пред да нé совлада сонот. Со оваа сугестија, треба да настојуваме силно да веруваме, а со тоа расте отпорот кон желбата за тутун. Сега е вистински момент целосно да сфатиме дека начинот на кој мислиме надополнет со силната волја која при тоа ја применуваме, има големо и непосредно влијание врз намалување на желбата за тутун. Секој ден сé поуверливо треба да повторуваме “Нема да пушам”, да се присетиме  дека таа позитивна и силна одлука, непосредно влијае на желбата за пушење. И тоа во таква мера, што кај повеќето пушачи, потребата за пушење забележително слабее. Со упорно и цврсто насочената волја, малку по малку ослабува старата навика.

2. Кога ќе нé обземе силна желба за пушење, да се обидиме да го погледнеме часовникот и да го набљудуваме отчукувањето на секундите на секундарникот. Без оглед на интензивирањето на силната желба да се запали цигара, да се обидеме да одолееме барем во следните 60 секунди. Кога ќе мине една минута, да се обидиме да издржиме уште една. Секако без големи опасности по живот, можеме да ризикуваме и да се обидиме сé тоа да го направиме. За операцијата на насочување на вниманието на часовникот, треба да знаеме дека по отчукување на третата минута, повеќемина чувствуваат дека желбата достигнала до самиот врв со својот интензитет, а набрзо потоа почнува се поизразито да слабее. Потребна е целата резервна сила и подзаспана волја која ја поседуваме, секој миг, секој час, првите три до пет дена. Ова е најтешкиот период, зашто е нужна упорност да се стаса успешно во “новиот живот”.

3. Спасот е во течноста:

А) Секој кој сака да се ослободи од цигарите, ќе ги олесне кризите за време на одвикнувањето од пушење, со земање на големи количини на течност. Ако секој здрав човек внесува дневно по 1,5 до 2,5 литри течност дневно (вода, сокови, чаеви, супа), тогаш пушачот кој решил да ги остави цигарите треба да испие уште еден дополнителен литар, односно дневно да испие 2,5 до 3 литри течност, бидејќи тоа помага катранот, смолата и бројните други штетни материи едноставно да се плакнат и мијат од клетките и да се елиминираат од организмот. Со тоа и спласнува и желбата да се запали. Не е сеедно кога и како ја пиете водата. Најдобро е наутро на празен стомак да се испијат 2 чаши вода, потоа треба да се зема претпладне по една чаша меѓу оброците, но не и непосредно пред спиење. Водата е потребна и за освежување на кожата.

Б) Пожелно е да се препуштите на туширање  два – три пати дневно по 15- 20 минути. Потрудете се да останете опуштени. Ако не можете повеќе да издржите без цигара, одете веднаш под туш, зашто таму е најбезбедно.

Кога ќе видиш некој добар човек кој прави добри работи, обиди се да го надминиш неговиот пример. Кога ќе видиш некој лош човек кој прави нешто лошо, провери се да ли и ти не ги правиш истите грешки – Конфучие

м-р Д-р Јохан Ѓорѓиоски психијатар

Loading