ШТЕКЕР, МЕСТО ПУМПА

Мало возилце паркирано покрај “мечки”, поголемите автомобили во центарот. Небаре, магаре меѓу коњи за трка. Големо е колку Мерцедес А класа, или може да се рече колку “кутивче за ќибрит”. Возачите на “аждаите што голтаат” бензин и нафта, може да го гледаат со потсмев, ама ова превозно средство заслужува почит за иновативност. Имено, не му треба ни бензин, ни нафта, ни плин да се движи. Му треба само струја и толку. Нема скапи делови за мотор, нема рачен менувач, а всушност нема ни мотор. Има само шест акумулатори, кои се полнат на струја, да му дадат енергија да “тера”.

Газдата, Живко Даскалоски, го добил од син му Пеце, кога се вратил од Канада. Карактеристиките на транспортниот производ од фирмата “Бомбардиер”, позната по производство на авиони, се идеални за градски превоз.

Со едно полнење на струја, кое трае четири часа, возилото може да помине 150 километри, со максимална брзина од 45 км. на час. Ги има сите потребни инструменти за вклучување во сообраќај – светла, трепкачи, рачна кочница… Има само педали за гас и кочница во пространото место за возач и совозач. Дури има и багажник. Даскалоски вели дека го купил за 1500 долари, и ја поминало македонската царина без проблем за хомологизација. Со помалку од 80 денари за 100 километри и без загадување на животната средина, ова е најефикасното возило во Прилеп.     

Loading