,,ДРПНАЛЕ,, 31 ИЛЈАДИ ЕВРА

Сограѓаните Д.П. (1989), Д. Ј. (1989), М. С. (1988), Ф. Г. (1990) и М.Ј. од с. Селце (1991) и Бугаринот Н. Г. (1983), во акцијата “Винкор”, се притворени под сомнение дека краделе со фалсификувани платежни картички. Изработувале лажни картички со кои преку банкомати празнеле сметки од граѓани, велат од Обвинителството. Жртви  биле македонски државјани.

Осомничените се товарат за “правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување” и “изработка и употреба на лажна платежна картичка”.

Според МВР, од декември лани до мај годинава, М.Ј. и Н. Г., набавиле уреди за снимање на банкарски податоци – скимери, кои во договор со другите, ги поставувале на банкомати од три банки во Прилеп, Битола, Неготино, преземајќи банкарските податоци од вистинските картички на 829 иматели. Во 19 наврати монтирале скимер, да извршат 475 успешни нелегални трансакции во износ од над 1,8 милиони денари.

– Кога не се реализирала некоја трансакција во земјава со фалш картичките, се крадело од банкомати во други земји од регионот, Бугарија и Србија. Фалш, двојни, картички се активирале и од Малезија и Перу, со продавање на податоците преку Интернет – велат од МВР.

Во домовите на осомничените се најдени четири скимери, уред за изготвување на фалсификувани картички, 55 фалсификувани платежни картички и друга опрема. Пронајден е еден лап топ, користен за подготовка на фалсификуваните картички и два деск топ компјутери.

Кај еден од осомничените дома бил затекнат и 30 годишниот бугарски државјанин, кој при последниот тридневен престој во земјава, поставил два скимери на банкомати на домашни банки во градот. Тројца од осомничените се познати на полицијата, бидејќи и порано биле товарени за компјутерски криминал, односно злоупотреба и фалсификување на платежни картички.

Loading