ЗУМБА ЗА ТЕНЧЕЊЕ

КЕТИ ТОДОРОСКА – ИНСТРУКТОР

– СМЕТНУВАЊЕ НА КИЛОГРАМИ, СОЗДАВАЊЕ ВИТО ТЕЛО И ОДРЖУВАЊЕ НА КОНДИЦИЈА, А И СОВЛАДУВАЊЕ ЧЕКОРИ НА НЕКОЈ ТАНЦ Е СОДРЖИНАТА НА ЗАБАВНИОТ НАЧИН НА  СЛАБЕЕЊЕ

Малкумина слушнале, а уште помалку разбрале, што е Зумба фитнес. Забавната програма за вежбање, што го зафати светот на “блиц”, е микс на аеробични вежби со вклучени елементи на танцување, односно основни чекори од танците кои се применуваат на латино и интернационална музика со цел да се направи вежбањето забавно.

Една од малкуте лиценцирани Зумба инструктори е младата Кети Тодороска, која ги задоволува љубопитните за оваа нова метода на слабеење низ забава.

– Танцот и модерниот балет ги сакав од мала. Кога се запишав на факултетот за јавна администрација имаше програма за летно работење и патување во САД. Се пријавив и четири лета, од 2009 до 2012-та поминав во место близу Бостон. Случајно разбрав за Зумба преку интернет и веднаш се заинтересирав. Прво вежбав сама, а бидејќи во Америка оваа програма на вежби и забава е многу популарна без проблем најдов место за учење на Зумбата. Првата година ја минав како учесник/ученик, каде ги научив основните кореографии и историјатот на Зумбата. Лани доволно осознав за условите, прашањата и цената за добивање на лиценца за Зумба инструктор. Тестот траеше 10 часа активно вежбање за да се одлучи дали личноста е подготвена да биде Зумба инструктор. Низ забавните латино ритми, брзо мина времето и лесно ја зедов лиценцата за првиот од четирите степени на системот – објаснува Кети.

Американскиот начин на размислување не изостанал ниту овде. На часовите за инструктор добила и корисни информации за почеток на сопствен бизнис и заработка од наученото.

– За лиценцата одвоив 350 долари, и како член на мрежата за Зумба инструктори месечно плаќам 30 долари. За возврат, ги добивам сите новини од програмата и најновите CD-а со песни, специјално направени или “миксани” за Зумба танцување. Воедно контактирам со сите Зумба инструктори за размена на искуства – додава Тодороска.

Почетоците како инструктор ги имала во САД, за каде што вели дека членовите се редовни, навремени и сакаат да го добијат максимумот од 60 минутниот тренинг, кој чини 10 долари. Американците понекогаш “зумбаат” и по двапати дневно. За “да им влезе под кожа” музиката, неколкупати ја слушаат без вежбање. Почетокот е со мускулни вежби, а 40 минути е активно танцување, при што се трошат 850 калории. Членството било и од тинејџери и од жени до 60 години.

– Кога се вратив во Македонија, продолжив како инструктор во Скопје. Имаше голем интерес и не се прашуваше за цената. Конвенции и јавни настапи за Зумба има само во Скопје. На предлози и барања од познаниците од Прилеп преку Фејсбук, дојдов овде да го предавам знаењето за забавното вежбање. Со летоци, флаери и визит карти ги анимирав граѓаните да дојдат на првиот час, што го одржав бесплатно во џим салата во Гимназијата на 1-ви јуни. Се појавија 25 заинтересирани, а прашањата за наредниот час беа добар знак за иднината на Зумбата овде – кажува Кети за првото искуство со љубопитните прилепчани кои со ентузијазам и елан пристапиле кон ритамот што го топи салото.

Инструкторката вели дека како и во секој спорт или активност има активни и заинтересирани членови кои не пропуштаат час, но и ескиватори. Секој час гледа нови лица, покрај постојните. Бројката е скоро сегогаш 20 танчери. Возрасната граница е иста како и во САД, со тоа што досега ниедно машко не собрало храброст за Зумба.

– Тоа што ја прави Зумбата поинтересна од аеробикот е тоа што музиката и движењата во аеробикот се однапред познати и повторливи, што е здодевно. Кај Зумбата нема строго определени правила за движењата и се поттикнуваат да играат како никој да не ги гледа и да пеат како никој да не ги слуша. Кореографијата креирана со специфични тактови и смени на темпото, транзиции на вежбањето од едно во друго движење, вклучувајќи тонирање, зацврстување или кардио движење, цели кон секоја мускулна група во телото. Така се постигнува двоен ефект. Слабеете без да знаете за тоа, а и учите танцови движења за кои не сте знаеле дека можете да ги изведете – Кети ја објаснува сржта на Зумбата која е иновација на колумбискиот латино танчер Алберто Перез, кој ја брендирал во 2001-та.

Кети, во недостиг на лиценцирани инструктори, ги покрива и Битола и Крушево со Зумба часови, а ентузијазмот е еднаков и во големите и во малите градови. Во Прилеп држи три часови неделно, во Крушево два и во Битола по потреба. Заработувачката не е за потценување, затоа што таа вели дека е иста како вработен со осумчасовен работен ден. Магистерот џс маркетинг менаџмент сака да замине во САД за доусовршување на сите степени и да се врати во Прилеп, каде би отворила студио исклучиво за Зумба.

Loading