ЗЛАТНО ОДЛИЧЈЕ ОД БЕЛГРАД ЗА ШИРКОСКИ

– ЧЕСТИТКИ И ОД ПРЕМИЕРОТ

Директорот и сопственик на фирмата “Еуропрофил”, Живко Ширкоски е добитник на престижната прва награда од Сојузот на пронаоѓачи од Белград. За пронајдокот “Композитен контејнер за лежиште”, тој го добил златниот медал со ликот на Никола Тесла на годинешниот 33-ти собир на пронаоѓачи и автори на технички подобрувања во главниот град на Србија. Наградата му ја честита и премиерот Никола Груевски, кој ја истакна поддршката на владата за пронаоѓаштвото како битен фактор за развој на економијата.       

Технологијата што ја користел е со далеку подобри карактеристики од другите во сите параметри и е стандард во развиените земји.

Наградениот патент на Ширкоски решава многу проблеми во технолошките процеси во индустриските гранки што користат макари за транспортни ленти. Првенствено, намена ќе има во рударската индустрија. Патентот овозможува непрекината работа, покрај дефекти кај валецот, продолжен работен век, лесен е за монтирање и демонтирање, има отпорност на температурни промени и одлични електро изолациони карактеристики. Патентот е направен со поинаква технологија и специјални композитни материјали, споредбено со другите производи од филамент вајндинг (ФВ).

По успешно завршените студии на повеќе офицерски школи, Ширкоски соработувал со фабриките за наменско производство како воениот надзор на техничките аспекти на финалниот продукт. Таму ги забележал предностите на ФВ технологијата (употреба на стаклени конци кои се вртат со синтетичка смола на т.н. “трн”, под агол со постојана висока температура), прво во областа на балистичката заштита, воената опрема, а подоцна и за цивилна употреба. 

Loading