ВО ИМЕ НА САМОСОВЛАДУВАЊЕТО

ЗНАЕЊЕТО КАКО ОРУЖЈЕ ВО БОРБАТА СО ЗАВИСНОСТИТЕ

“ДА СЕ ПОБЕДИ ВО ЖИВОТОТ, ТОА ЗНАЧИ НАЈПРВО ДА СЕ ПОБЕДИМЕ САМИТЕ СЕБЕ, ДА СЕ ВОСПИТАМЕ И ДИСЦИПЛИНИРАМЕ НИЗ РАБОТАТА И СО СОВЛАДУВАЊЕ НА СВОИТЕ СЛАБОСТИ”. ФОРЕЛ

Сеедно колку сме успешни “победници” или неуспешни “губитници” во остварување на сопствените цели и животни предизвици, сите сме почесто или поретко, страдалници во нашите животи.

Не е важно дали живееме во село или град, дали сме големи или мали, дали сме мажи или жени, дали сме обично насмеани или почесто тажни, дали другите не гледаат како добри или лоши, многу убави или незабележителни, сите ние имаме неопходна потреба вредно да работиме и љубопитно да го спознаваме Светот што е во и околу нас.

Чекорејќи низ нашиот живот, не смееме да заборавиме дека чесната работа и вистинското знаење овозможуваат секогаш да бидиме во близина на највредните содружници – Вера, Љуба и Нада – со кои сигурно ќе патуваме по патот на Вистината, Знаењето и Добронамерноста кон подобар и поубав живот. Потребна е мала храброст искрено да ги погледнеме своите квалитети и маани, да ги прифатиме како неизбежен дел, а потоа одлучно и бескомпромисно да се избориме за подобрување на сите полиња од животот, кои што на било кој начин зависат од нас, и секаде каде можеме активно да делуваме, но пред сé, и како прв приоритет да им објавиме војна на нашите слабости и зависности.

Во насока на зголемување на личните капацитети за самопочитување на секого од нас поединечно, добро е да се потсетиме на ПОСТОТ, како еден од најубавите и најсигурни патишта за справување со сопствената суета, бројните неумерености и “мали” зависности. Постот директно води кон умереност од сé што е претерано и штетно. Претерано јадење и пиење, претерано спиење, претерано пушење, претерано зборување (оговарање), претераната завист и љубомора, претерана лакомост и желба за брзо збогатување, претераната агресивност и пасивност, претераното омаловажување на другите и истакнување и величење на самите себе, на својата професија, политичка партија, лидер и сл. Багават Гита вели дека добар испосник е оној кој не мрази, не е лаком и е ослободен од спротивностите на животот.

Да се завртиме првин кон зависноста од никотинот или пушењето цигари, на кое обично гледаме како на наш стар пријател со кого долго се дружиме и кој обично не не изневерува кога ни е потребен. Таа “добра стара навика”, е многу штетна зависност, која заслужува да í посветиме поголемо внимание и да ја погледниме на еден активен начин, како подмолен противник на нашиот здрав живот, кому треба да му се спротивставиме, и кој можеме да го победиме. Сите знаеме дека пушењето е штетно и опасно. Многумина ќе прокоментираат дека тука нема ништо ново. Некој ќе праша директно и резигнирано: Зошто да ги оставам цигарите? Еве некои од причините кои можеби не ги знаеме, а добро е да ги имаме во предвид да не раздрмаат и да поттикнат преиспитување на “добрата” навика за пушење и борбеност за спротивставување:

– 20 мин. по последната цигара се урамнотежуваат отчукувањата на срцето.

– 2 часа од последната цигара никотинот почнува да исчезнува од мозокот, а никотинските рецептори кои ја поттикнуваат желбата за пушење престануваат да се создаваат во мозокот и постепено се гасне нивната активност.

– по еден ден од белите дробови исчезнува јагленородниот моноксид и отровите го напуштаат телото, се намалува ризикот од срцев удар, срцето подобро пумпа и обезбедува подобро кислород на сите органи.

–  по неколку дена од последната цигара се подобрува вкусот и мирисот.

– по една недела се подобрува дишењето и се зголемува капацитетот на белите дробови, се намалуваат слоевите на штетни материи (катран) во дишните патишта.

– по две недели поранешниот пушач ја совладува и најсилната желба за пушење и почнува да чувствува пријатно ментално задоволство и “гледа” како сé повеќе му се зајакнува самодовербата.

– по 4 седмици од последната цигара лицето станува посвежо, бидејќи е подобрен крвотокот во малите поткожни крвни садови, образите добиваат здрав црвен тен, кожата не мириса повеќе на катран и чад.

– силата на одбрамбениот систем станува се поголема и во првите месеци од непушењето, а борбата со инфекциите е полесна, ризикот од коронарни болести се намалува за 50 отсто по 1 година.

–  треба да поминат 5 години за да се изедначи ризикот од инфаркт како оној кај непушачите.

–  ризикот од тумор е намален за половина по 5 години непушење.

Да се соочиме со пушењето како наш избор, кој кога не размислуваме си е сосема ОК и без проблем продолжуваме да си пушиме од ден на ден, од година во година, затоа што ни причинува задоволство и ни е верен пријател во многу мигови на досада, задоволство, немир, потиштеност и т.н. Погледни директно и јасно во цигарата што моментално ја пушиш или пак во моментот кога се спремаш да запалиш нова, обиди се да се замислиш малку над оваа своја “мала слабост”, како за постапка со која инсистираш на својата лажна самоувереност, штетна самобендисаност и поразителна нерешителност, кои ги задскриваш со својата неодлучност, комотност и недостиг на цврста волја. Запрашај се храбро дали можеш да си докажеш себе си и на остатокот од Светот дека не си “премногу слаба личност”. Не е во прашање само зависноста од никотин и старата добра навика да си запалиме, туку станува збор за неодговорност за своето здравје и за здравјето на тие во околината. Каков пример им даваме на нашите деца, каков ни е карактерот што го покажуваме пред другите додека пушиме, колку ни е голем нарцизамот кога дозволуваме задоволството безмилосно да господари со реалноста и целосно да управува со нашиот живот.

Не лути што некој повторно се обидува да зборува за “топла вода”, и воопшто нема да се замислиме дали таа “топла вода” може за нешто да се искористи, па си остануваме задоволни во своите илузии и продолжуваме да се фазонираме со несериозни објаснувања, кои ни служат како убави стилски фигури, заборавајќи дека со секоја испушена цигара убиваме дел од себе и уништуваме парче од својата иднина. Се соживуваме со улогата на “пушачи -отпадници”, прифаќаме да се малтретираме по ходници, балкони, клозети и други места ограничени само за пушачи, за да си штетиме со “стил”. Ако не ни е важно за нас, да направиме чесен обид за најблиските, со тоа што ќе им покажеме дека имаме многу повеќе волја, карактер, одлучност, решителност и победнички менталитет.

Со успешното самосовладување ќе им бидеме подобар пример, и ќе им дадеме поголеми можности да се изборат за поубав живот, да настапуваат во секоја животна ситуација како одлучни борци, а не како пасивни пушачи.

м-р Др. Јохан Ѓорѓиоски

психијатар

Loading