РОК ТАПАНАР ГО ТЕРАЛ ТЕШКОТО

– МУЗИЧКИ ТРЕНИНЗИ НА ИМПРОВИЗИРАНИ СНИМКИ ОД МАГНЕТОФОН ЗА СЕЕЊЕ НА РОК КУЛТУРА

– РИТАМ НА ОРО

Мио Цветкулески е име поврзано со прилепските авангардни тапанари, како ретко кој друг. Ја тера 67-та година, и ужива во пензионерските дни. Од мал тропал на ѓумови за вода, за кои вели дека имаат звук како тарабука. На младост му вриела крвта за рокенрол музика.  Полека сам си го учел музичкиот занает.

Во 1962 сериозно се зафатил со западната рок музика, непозната за овдешните млади. Од Скопје купил сет џезерски тапани. Мио и Стојан (гитарист), Кире (бас гитара), Соле (синтисајзер) ја формирале групата “Вис Електрони”. Свиреле низ цела Македонија песни од Ролинг Стоунс, Шедоус, Битлси и други рокерски состави од запад. Тогашниот систем ја сметал оваа музика како лошо влијание врз младите и промовирање на “злиот капитализам”. Ама тоа не го запирало Мио со составот да анимира и собира млад народ со музиката, шетајќи ја Македонија.

– На концертите немаше игла да се фрли. Немавме маки со власта. Беше либерална во тој поглед, барем овде. До музиката која ја свиревме тешко се стигнуваше. Немаше грамофонски плочи. На радио бдеевме 24 часа, да начекаме, макар и една рокенрол песна. Ако се погодеше, чекавме “на готовс” на копчето за снимање. После ја “киневме” лентата, преслушувајќи ја по стопати и вежбајќи ги тоновите преку неа – раскажува Мио, кој има музички код во крвта од поблиската роднина.

По шест годишна кариера рок тапанарот се префрлил на народна музика во 1968 година. Лесно било, зашто, вели, забавната е потешка за свирење. Станал тапанар во КУД “Мирче Ацев”. Со ансамблот свирел скоро со сите доајени на македонската народна музика. Се сеќава на Петранка Костадинова, Александар Сариевски, Васка Илиева, Вања Лазарова, Атина Апостолова…

– Тапанарот во ансамблот е најважен. Мора да знае убаво да свири и да држи континуитет во ритамот. Бидејќи нашите ора се најмногу со тапан, недозволиво е да се направи грешка. Оти, ако се загуби ритамот, играчите се збунуваат и пропаѓа целиот настап – објаснува Цветкулески, за кој немало кафеана која не го знаела и не го повикувала на жива свирка.

Со КУД “Мирче Ацев”, го прегазил сиот свет. Бил речиси на сите европски држави, Австралија, Русија и единствено не бил во “родното место” на рокот – САД.

– Со ансамблот патувавме најчесто по 40 души, играорци, свирачи и еден или двајца реномирани пејачи. Во Италија, не можев да го скријам балканскиот менталитет. Од бакшишот  за келнерите, ги истурив сите лири во блузата  и го честев пиво целиот ансамбл – кажува тапанарот, кој кога не бил со тапанот, бил вилушкарист во Тутунскиот Комбинат.

Мио не е пребирлив за музика. Слуша сé што му се допаѓа, забавно, народно, па понекогаш и опера. Ќерка му Наташа го следи неговиот пат. Заменила тапанар, истерувајќи цела свеченост без забелешки. И синот Горан има музички слух.

Пензионерот со носталгија ги чува и ги разгледува повремено низ дома сите инструменти од неговата кариера. И сега “подтропнува”за душа, кога ќе го викнат блиските. Го бараат и да наштима некој тапан. Ја пренесувал вештината на музички надарени деца. Горд е што “извадил” десетина добри тапанари од “неговата школа”.    

РОК – ДВОЗНАЧЕН ПОИМ

Потеклото на рок музиката е во јужниот дел на САД во 40-те години. Првенствено зборот означувал соединување со блаженството од црковните хорски пејачи, составени од црнци. Со ширењето и популаризацијата на оваа музика изведениот зборот “рокање”, во САД и кај нас, добил друга, вулгарна конотација.

Loading