НОВ ХЕМАТОЛОШКИ БРОЈАЧ ЗА КРВНА СЛИКА

НОВА СОВРЕМЕНА ОПРЕМА ВО ЗДРАВСТВЕН ДОМ

– НАБАВЕН МОДЕРЕН СТОМАТОЛОШКИ СТОЛ ЗА ПРЕВЕНТИВНА СТОМАТОЛОГИЈА

Во чекор со светските стандарди, биохемиската лабораторија при Здравствениот дом набави нов хематолошки бројач за крвна слика – Sysmex. Тоа е најсовремен, комплетно автоматизиран хематолошки бројач кој за многу кусо време изработува комплетна еритроцитна, леукоцитна и тромбоцитна анализа. Само за неколку минути се добива комплетна крвна слика со 21 параметар, која вклучува број на леукоцити, еритроцити, хемоглобин, хематокрит, тромбоцити и други показатели. Со новиот апарат, пациентите побрзо ќе доаѓаат до лабораториските резултати, кои ќе им помогнат во понатамошното дијагностицирање на болеста и лекувањето. Освен во лабораторијата, нова опрема е набавена и за Одделението за детска превентивна стоматологија. Нови апарати има и за лабораториите во населените места. Инвестициите се од сопствени средства  од 700 илјади денари.

– Постојано расте бројот на пациенти во биохемиската лабараторија. Затоа набавивме нов апарат, бројач на крвна слика, со кој ќе се намалува времетраењето на чекање на пациентите. Не се заборавени и биохемиските лаборатории во Кривогаштани, каде е набавена нова центрифуга, и биохемиската лабораротија во Дебреште, каде е набавен бројач на крвна слика, со што пациентите од тој крај ќе добијат соодветна медицинска заштита – вели Петар Ристески, директор на Здравствениот дом.

Биохемиската лабораторија во Уредот им стои на располагање за сигурна, квалитетна и брза комплетна лабораториска анализа.

Продолжувајќи со обновувањето на старите капацитети со нова, современа медицинска опрема, менаџерскиот тим инвестира и во Одделението за детска превентивна стоматологија, каде набавен е нов стоматолошки стол.  Со тоа пациентите што ја посетуваат здравствената установа ќе добиваат медицинска услуга на највисоко ниво.

– Со новата машина за детска и превентивна стоматологија речиси  90 отсто имаме нова опрема, со која ќе даваме услуги на највисоко ниво од областа на превентивата за оралното здравје кај децата до 14 години. Оваа е трета машина, набавена од сопствени средства. Во догледно време ќе добиеме уште една за заокружување на модернизацијата. Прилеп е во водечките општини во регионов по извршени превентивни прегледи, налевање на трајните заби и високо котираме по нашата успешност. Раководниот тим секогаш излегува во пресрет и секогаш сме достапни и на терен и во Домот – вели д-р Јагода Мојсоска, стоматолог.

Во одделението за детска превентивна стоматологија, ќе продолжи замената на дотраените стоматолошки столици со нови да се подобрат условите за пациентите.  

Наскоро ќе се реновира и зградата и дограмата на Здравствениот дом со што по години невложување, градов ќе добие репрезентативен објект.

БРЗАТА ПОМОШ В БОЛНИЦА

Брзата помош планирано е да се дислоцира во кругот на Болницата, а во меѓувреме ќе се реновира објектот каде е сместена Службата за итна медицинска помош.

– За брзо време ќе го имаме и новиот детален урбанистички план со што ќе се добие слика за местото на новата Брза Помош, која природно е да биде во близина на Болницата. После ќе се продаде земјиштето на Брзата помош – вели градоначалникот Марјан Ристески.   

Локалната самоуправа максимално го поддржува Здравствениот дом за подобрување на услугите. Поддршка дава и Министерството за здравство. Од ЛС се предвидени средства за опрема за Болницата и Здравствениот дом за обновување на фасадата и дворот пред Уредот. 

Loading