Министерството го ,,одврза,, ќесето

Позната програмата за 2012 година за културните институции

Богата програма ќе претстават културните институции годинава. Министерството за култура го одврза ќесето. Подели повеќе пари за културни настани, реконструкции, заштита на објекти, занаети, за издавачка дејност. Се финансираат проекти од национален интерес и за заштита на културното богатство.

Претстави, изложби, реконструкција на салата во Центарот за култура

ЦК “Марко Цепенков” е задоволен од прифатената програма. Директорот Тони Чатлески објаснува дека ќе се задоволат вкусовите. Министерството не само што ни ја прифати програмата, туку ќе понудиме и други културни настани со сопствени средства – вели Чатлески. Театарот премиерно ќе прикаже три претстави, “Многу врева за ништо” од Шекспир, режија на Ива Милошевиќ, “Змејовата невеста” од Димитар Молеров, во режија на Нела Витошевиќ, “Цепенков 012,, (Сонот на Цепенков) – според творештвото на Цепенков, во режија на Кирил Петрески, а ќе биде поддржан и проектот ,,Јустинијан Први,, од Јордан Плевнеш, со глума и режија на Петар Темелковски. За меѓународното претставување, ќе има пари за гостувањето на театарот на реномираните фестивали, на МЕСС во Сараево со “Кавкаскиот круг со креда” во режија на Мартин Кочовски и на “ЕУРОКАЗ” во Загреб,  со “Антица” во режија на Бранко Брезовец. Центарот ќе отвори 40 изложби и петтипат ја организира ликовната колонија Дрен. Тука се третата манифестација “Изворен фолклор на балканските народи”, дејствувањето на уметничката група – октет Прилеп, како и негување на фолклорот и традицијата преку КУД “Моминок”. Ќе има и Недела на детско творештво. Пари има и за печатење на списанието за литература, уметност и култура “Стремеж”, а ќе се изврши и реконструкција на ентериерот на сцената од големата сала на ЦК “Марко Цепенков”. За овие програмски активности на располагање ќе се над 4 милиони денари.

Реконструкцијата на Саат кулата приоритет за Музејот

Заводот и Музеј е задоволен од прифатената програма. Директорот Гордана Данилоска – Спироска истакнува дека е одобрено најзначајното, а приоритет е реконструкцијата на Саат кулата. Министерството имаше слух и оддели пари за заштита и конструктивна консолидација на Саат кулата. Ќе вршиме и археолошки истражувања на Стибера, ќе се посветиме на конзервација на куќата каде е прогласена Крушевската република, на реконструкцијата на дел од североисточниот доцноантички бедем со изведба на Горната порта на манастирскиот комплекс во Зрзе, како и на заштитно конзерваторските основи за културното наследство во просторните и урбанистичките планови – посочува директорката. Музејот ќе отвори изложба на графички листови во Нови сад, ќе ја продолжи евиденцијата на иконописот во општината и ќе се откупуваат предмети од етнологијата и за Музејот за тутун. Планирано е и докомплетирање на етнолошката поставка на спомен домот на Блаже Конески во Небрегово. Ќе се реализира и проектот “Школите на музеите или музеите на школите”.

Заштита на духовното наследство

Од повеќето проекти на Институтот за старословенска култура, Министерството ја одобрило валоризација на културното наследство на празникот Водици во селото Битуше и заштитата на ѕвончарскиот занает. Се радуваме што ќе добиеме пари за заштита на духовното и културното наследство – вели д-р Ели Луческа, директор на Институтот.

Поддршка за други манифестации

Министерството ќе продолжи да го поддржува театарскиот фестивал “Војдан Чернодрински”, фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасоски”, карневалот “Прочка”, ликовните работилници на Центарот за современа ликовна уметност, интернационалниот фестивал “Стрип без граници”, издавањето на публикацијата “70 години од убиството на Борка Талески и Лазо Филипоски – Лавски” од Библиотеката “Борка Талески” како и концертите на Мелани Рувческа и Филип Пеоски, посветени на Дебиси и Шопен. Пари ќе има и за за формирање на детски хор и за издавањето на три драми од Благоја Ристески – Платнар, во издание на ИК “Врв”.

Loading