И ПО 7 ДЕЦЕНИИ, ПРИЛЕП Е ГРАД ХЕРОЈ

Перманентна грижа за историското минато

Реконструиран Участок отворен за посетители и споменик на Кузман Јосифоски Питу за јубилејот од првата пушка

Во предвечерието на државниот празник на македонскиот народ, 11 Октомври кога се одбележува и 70 години од вооруженото востание за народно ослободителната борба, Прилеп гордо докажува дека е град херој во кој пукнала првата пушка, а Локалната самоуправа со посебен пиетет и внимание се грижи за спомениците од НОБ. Доказ е успешно завршената реконструкција на Меморијалниот музеј 11 Октомври познат меѓу прилепчани и пошироко како Участакот. Со средства од Локалната самоуправа и Министерството за култура комплетно е реконструирана зградата, а обновена е и музејската поставка која говори за настанот кога бил нападнат участакот и бил означен почетокот на антифашистичката борба. Локалната самоуправа го уреди и платото пред Участакот каде ќе се издигне и споменик на народниот херој Кузман Јосифоски Питу. Оваа локална самоуправа и градоначалник секогаш посветуваат големо внимание на заштитата, реконструкцијата и одржувањето на спомениците од антифашистичката револуција и на другите спомен обележја во Прилеп. Прилеп бил во многу важни случувања низ различните историски периоди, но еден од најголемите настани и најголем празник за градот и Македонија е 11 Октомври, кој секогаш достојно се одбележувал за што укажува и фактот што е еден од најпосетените и најмасовните празници, кога сите излегувааат вечерта на 10 октомври. Годинава кога се одбележуваат 70 години, јубилејот нé обрзува настанот да биде уште повеличенствен и погламурозно организран, бидејќи оддаваме почит на оние кои го дале животот за Македонија во антифашистичката револуција со најмногу жртви, кои почиваат на Могилата на Непобедените, а која е амблем и гордост на Прилеп. Участакот е комплетно реконструиран и ќе биде отворен за посетителите, со што добиваме уште еден објект на туристичката мапа на Македонија – вели градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески. Реконструираното плато пред Участакот се претвори во преубав плоштад со мермер и гранит кој претставува пријатно катче за одмор и прошетка. Ќе го краси и споменикот на Кузман Јосифоски – Питу подигнат со средства исклучиво од Локалната самоуправа. Тој бил маркантна личност, мозокот на младата интелигенција која го повела антифашистичкото движење, а најсвирепо бил убиен од окупаторите. Грандиозниот споменик пред Участакот ќе биде гордост за прилепчани и туристичка атракција, која го збогатува централното градско подрачје – вели Ристески. Локалната самоуправа одлично соработува со Боречката организација која е сведок на минатото. До Алејата ќе се оди пеш, како што доликува за празникот. Ќе се одржат и спортски активности. Ги поканувам сите наши сограѓани масовно да излезат и да го поздравиме она што го направиле нашите претци со достојна почит. Како и секогаја година да бидеме пред Участакот на 10 октомври во 18.30 часот и заедно да ги проследиме сите настани – вели Ристески. Централната манифестација за одбележување на празникот 11 Октомври ќе се случува во Прилеп, а се очекува да присуствува и вицепремиерот Владимир Пешевски. Во иднина ќе се постават спомен обележја на Круме Кепески и Блаже Конески, на Пеце Атанасоски, Ѓорче Петров и Пере Тошев.

НОВИ БИСТИ ВО АЛЕЈАТА

Локалната самоуправа планира проширување на Алејата на народните херои со нови бисти. Во зависност од средствата, а во соработка со боречката организација ќе бидат поставени бисти и на другите херои и ќе бидат 15 вкупно. Прв покрупен проект кој го реализирав во мојот мандат, беше реконструкцијата на Могилата на непобедените со зелените површини и спортски комплекс кој е гордост на градот и симбол на македонштината и непокорот на прилепското херојство. Локалната самоуправа издвои средства од буџетот за изработка и на украдените бисти кои се поставија повторно во алејата – вели Марјан Ристески. Поставени се и спомен обележја на Трајко Тарцан и Мирче Ацев на улиците кои ги носат нивните имиња.

ЕВРОПСКИ ШМЕКТ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА

Со хепенингот за успешното завршување на проектот за промена на дограмата во училиштата со европски средства се дава импулс дека Македонија граби напред и треба да биде дел од ЕУ. Овој празник е повик и до идните генерации да го чуваат она што е македонско и да направиме чест на македонското знаме под кое загинале голен број жртви за оваа нација – вели Ристески.

Loading