Рикша и количка

Кај урнатата џамија не се поминува, а да не се видат таканаречните амали со колички. Во зависност од сезоната, тие пренесуваат, пиперки и домати, зелки и краставички за зимница, а лете и овошје за слатко или пак “поголем пазар” до автомобилите, таксистите и до дома. Доколку не им се насмее среќата, некој да ги најми да однесат нешто од пазарот, на услуга им се и на дуќанџиите. Од камионите носат пива и сокови до кафетериите или рестораните. Во меѓувреме, седат во надеж, освежувајќи се со пиво и очекувајќи муштерии. Не се предаваат, туку се борат со суровиот живот. Се трудат да однесат корка леб дома, додека не им стаса социјалната помош. Велат дека се семејни луѓе, принудени на “аргатлук” да врзат крај со крај и да платат струја и вода… Од друга страна, полни кафулиња,каде нема игла кај да се фрли. Ги има секакви, кои набрзина ќе “сркнат” кафе и ќе тераат работа, но не малку се стандардните муштерии, кои “станале инвентар” и денгубат часови, месеци, години. Мајтапот и облеката со марка им е преокупација и разбивање на “тмурното” секојдневие. Како што тргнало, не е далеку денот кога “аргатите” ќе ги прилагодат количките за транспорт на муштериите на кафулињата за “кападаилак”, како на далечниот исток, во рикшите.

Loading