Дождовите се надеж за септемврискиот откуп

Продолжува предвремениот откуп на тутунот, што првпат се спроведува во септември. Иако во рамките на пилот-проектот за предвремен откуп на тутунот до 16 октомври се откупени само 300 тони тутун, по просечна цена од околу 130 до 135 денари за килограм, две откупни компании продолжуваат со прибирање на првите две берби ферментиран тутун во картонски кутии. Струмица Табак ќе откупува до 26 септември на осум пункта во Пелагонија, а Сокотаб, кој ќе преземе најмногу од трите компании, и тоа 600 од 1200 тони договорен тутун, на теренот ќе биде до 30 септември. Алијанса од Квадарци ја заврши првата фаза. Пилот-проектот опфаќа селективно манипулирање на тутунот. Во првата септемвриска фаза се предава единствено производството од првите две берби или понеквалитетниот тутун. Втората фаза од предвремениот откуп ќе се одвива од 17 до 28 октомври. Доколку дозволат временските услови, со есенските дождови и поголема влажност на воздухот, се очекува поголем одзив на тутунарите и откуп на планираните количества. Најголема разлика во однос на традиционалната манипулација е пакувањето на тутунот во картонски кутии од по 15 килограми, што, поради екстремно високите температури, се покажа како основен проблем. За новиот начин на доработка, велат тутунарите, потребна е дополнителна подготовка со обезбедување посебни услови. Тутунарите не се расположени да го предаваат родот летно време, оти очекуваат зимски, повисоки цени. Но, и поради тешкотиите во пакувањето во кутии во сушно време, кога листовите се ронат. Последните дождови ќе ја зголемат влажноста на воздухот и ќе влијаат на пораст на интересот за предвремениот откуп. Тутунарот Илија Стојаноски оценува дека идејата сепака е добра, но годинава не е погодна за летен откуп. Температурите се високи, а листовиоте се ќутук суви, се кршат, а родот оди во неврат. Последните врнежи ќе придонесат да се зголеми влажноста, а со тоа и да се продава тутунот порано – вели Стојаноски. Во прилепско годинава се очекуваат околу 30 отсто помали количества тутун. Ако лани се предадоа околу 15 илајди тони од типот Прилеп, според стручнаците, оваа производствена сезона се очекуваат помалку од 12 илјади тони тутун. Тутунските здруженија сметаат дека новата категоризација за проценка на тутунот во помалку класи, со оглед на понудените цени, нема да ги смени односите на пазарот и тутунарите пак ќе бидат незадоволни. Државата и годинава најави поддршка по едно евро на секој килограм предаден тутун.

Loading