Шест медали за пензионерите

Пензионерите се вратија од државното спортско натпреварување во Струга со три златни, една сребрена и две бронзени медали. Меѓу 384 луѓе од третата доба од сите градови во земјава, 33 учесници од Прилеп во неколку екипи беа најуспешни и се закитија со злато во дисциплините тробој, екипно пикадо и трчање на 80 метри, мажи. Пензионерите ги бидува и за играње табла, каде ја освоија втората позиција, а кај скокачите од место го зазедоа третото место. Бронзен медал ќе ги краси витрините на здружението и за фрлање на ѓуле. Комплетно, меѓу 53 здруженија, прилепските пензионери се позиционираа на второто место, после охридските. Вторник, делегација на пензионерите ќе присуствува на академијата за 65 годишнината од пензионерското организирање во Скопје, каде на претставниците на нашето здружение ќе им биде врачена благодарница за високиот придонес во развојот на пензионерската асоцијација.

Loading