Прилепчанец на чело на ГШ на АРМ

Со указ на претседателот Ѓорѓе Иванов, бригадниот генерал Горанчо Котески, кој е роден прилепчанец, е нов началник на Генерал штабот на АРМ. Котески функцијата ја презеде вчера, на одбележувањето на 18 август, денот на АРМ, кога наполни 46 години. Пред два дена претседателот му го потпиша на Котески и унапредувањето во чин генерал – мајор. Котески за прв човек на АРМ доаѓа по заминувањето од функцијата на досегашниот началник генерал потполковник Мирослав Стојановски, кој два мандата беше началник на ГШ на АРМ. Нашиот сограѓанин по завршувањето на Воените академии во Сараево и Белград, се школувал во повеќе школи. Дипломирал на НАТО колеџот во Рим, бил воен аташе во Германија. Активно зборува англиски и германски јазик. До пред неколку месеци, пред да биде назначен за командант на Здружената оперативна команда во АРМ, беше аѓутант на претседателот Иванов. Котески за Зенит изјави дека му е голема чест што е прв човек на АРМ, посочувајќи дека ќе продолжи со реформите во Армијата, со цел да прерасне во модерна и ефикасна армија која ќе биде гарант за мирот и стабилноста на земјата.

Loading